Руското полуфинале во кошаркарската Евролига помеѓу екипите на ЦСКА Москва и Локомотив Кубан му припадна на тимот од руската престолнина, кој славеше со 88-81 и обезбеди прво финале по 2008 година.
Моќната ЦСКА, во „Мерцедес-Бенц“ арената во Берлин, за многумина очекувано стигна до триумфот против Локомотив, за кого ова беше прво полуфинале во Евролигата во историјата.
Натпреварот беше решен главно во првите десет минути од пресметката, кога ЦСКА водена од Французинот Нандо де Коло и Виталиј Фридзон наметна ритам кој противникот не можеше да го следи. Првата четвртина ја добија со 11 поени (23-12), а потоа рутински се одржуваше предноста.
ЦСКА на моменти имаше предност и од 16 поени, но кошаркарите на Локомотив Кубањ Краснодар неизвесност внесоа во последните минути од средбата кога успеаја да намалат и до пет негатива (82-77), на една минута до крајот. Но, сепак, тоа беше се што можеа да направат.
Нандо де Коло беше феноменален во редовите на ЦСКА со 30 поени, 4 асистенции и три скока, а 13 поени запиша Фридзон. Во редовите на Локомотив најефикасен беше Малколм Дилејни со 26 поени, а со 17 постигнати поени заврши Драпер.
Во второто полуфинале, од 21 часот, ќе играат Фенербахче на нашиот Перо Антиќ и Лаборал Куча.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.