| четврток, 6 декември 2018 |

Ајде да се преброиме

народ

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

Ако Македонија ги чека Заев и СДСМ да кажат кога ќе бидат расположени да излезат на избори, може и да не дочека (како држава). Секое пролонгирање на кризата оди во корист само на разнебитувачите на државата, но во никој случај не оди во корист на народот. За среќа, огромното мнозинство граѓани се свесни за опасноста. Гледаат дека зад шаренилото на револуцијата се надвиснати темни облаци кои можат да предизвикаат вистински потоп по кој нема да имаме шанси да испливаме здрави и како народ и како држава. Граѓаните мошне прецизно ја прочитаа намерата на опозицијата и улогата на чадорот, па затоа веќе немаат дилеми по прашањата кој и зошто ја предизвика кризата. Ваков развој на сценариото за насилно менување на власта не очекуваа ниту Заев ниту чадорот. Сценаристите немаат одговор како е можно по толку фрлени пари на пропаганда, довербата на граѓаните во ВМРО – ДПМНЕ да е во постојан пораст, а поддршката на СДСМ да опаѓа во континуитет. Последната анкета на „Павел Шатев“ недвосмилено ја покажува свесноста на македонскиот народ. Дури 64 отсто од Македонците сметаат дека зад лажната борба за слобода и демократија се крие гола битка за власт, а дури 67 отсто не го оправдуваат уништувањето и сквернавењето на споменици што опозицијата и платениците на Сорос секојдневно го вршат. Овие поразителни бројки ги вадат од кожа Заев и најтесното раководство на партијата, но и соросовите платеници и „пријателите однадвор“ затоа што директно ја нагласуваат нивната немоќ и неспособност да го превоспитаат народот. Оградувањата од бројките од типот – анкетите се нереални поради стравот на луѓето од режимот – одамна не држи вода затоа што образложението и тоа како се коси со тезата на опозициските труби дека граѓаните охрабрени излегуваат на улица и дека веќе никој не се плаши од режимот. Од тие причини и Заев почнува да се надминува себеси во зборување глупости тврдејќи дека „не оделе на избори затоа што ќе победеле“.

Е па добро. Штом е сигурен во победата, ајде да се преброиме и да ставиме крај на кризата. Нели тоа го посакуваат сите? Во прилог на тоа е и ветувањето на Груевски дека нема да ги оспори резултатите какви и да се, ако Заев смогне храброст да се појави пред народот. Воедно, изборите нека бидат референдумско изјаснување на граѓаните во кое ќе им дадат легитимитет не само на новата влада, туку и на Пржинскиот договор, на противуставното Специјалното обвинителство, на намерата за редефинирање на општествениот систем зад кое се крие федерализација на државата, на воведувањето двојазичност, на притисокот за промена на името и на бришење на идентитетот на македонскиот народ… Народот да каже дали прифаќа со државата да управува влада која ќе биде слуга на амбасадорчињата и ќе ги исполнува задачите што ѝ ги испорачуваат или ќе работи во интерес на граѓаните. Ако народот го прифати сето тоа што Заев го ветил на чадорот, нека биде. Тогаш ќе го има целиот легитимитет да ги спроведе сите реформи за кои сега тврди дека му ги кочи Груевски. Ќе може да го оправа судството, да ја врати слободата на медиумите, да ја одвои државата од партијата…

Но, за сето тоа прво мора да излезе очи в очи со гласачите. Да добие одобрение од народот, а не од амбасадорите. Токму затоа, Заев не само што нема да излезе на избори на 5 јуни, туку ќе продолжи да бега и да опструира какво било изјаснување на граѓаните сѐ додека го држат нозете и додека го штити чадорот. Сепак, додека безглаво бега од соочување, да има на ум дека со секој нов притисок од западните моќници, со секоја негова нова лага, со секоја навреда врз граѓаните, со секоја провокација врз неистомислениците, со секој осквернавен споменик од „револуционерите“, со секоја закана врз медиумите, со секое ново ветување кај сојузниците на штета на државата, тој незапирливо тоне во жив песок заедно со својата партија.

Излегол на избори или не, народот ќе му пресуди. За тоа е свесен и самиот тој и неговото членство и Сорос и чадорите. Токму затоа ВМРО – ДПМНЕ, но и секоја друга партија што ѝ мисли добро на државата мора да му овозможи на народот да го каже последниот збор. Дури и по цена ниту една од големите партии да не се појави на избори или, пак, да не бидат признати резултатите од меѓународната заедница, ехото на граѓаните мора да одекне доволно силно за да се чуе и во Брисел и во Вашингтон.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top