Преместувањето на бегалците и мигрантите на локации со пристојни услови за живот ќе стане можно до средината на јуни, изјави грчкиот заменик министер за миграциска политика Јанис Музалас. Како што јави дописникот на МИА од Атина, изјавата на Музалас е одговор на пратеничко прашање на членот на Комунистичката партија (ККЕ), Христос Кацотис во врска со условите за живот на бегалците во објектите за сместување во Сакарамангас.
-Се соочуваме со тешки услови и правиме се што можеме да ја заштитиме земјата и достоинството на овие несреќни луѓе- рече Музалас.
Кацотис тврди дека постојат огромни недостатоци во услугите што се пружаат во Сакарамангас и додаде дека луѓето во центарот се изложени на лоши временски услови. Тој исто така рече дека членови на домашни и странски невладини организации се обидуваат да создадат чувство кај бегалците дека наскоро ќе си заминат од таму.
Според Музалас, Сакарамангас е „релативно добар објект“ и истакна дека проблемите не можат да се решат во еден ден. Во врска со невладините организации, Музалас подвлече дека тие мора паметно да ги употребат 100.000 евра кои ги добиле, и додаде дека грчкиот Парламент треба да провери како се трошат парите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.