| четврток, 6 декември 2018 |

Черепот пронајден кај Стража е на исчезнатиот возач на ректорот на ДУТ

pronajden-cerep-640x480

Черепот што неодамна беше понајден кај Стража му припаѓа на Насер Селмани од Гостивар, возач на ректорот на Државниот универзитет во Тетово, кој исчезна пред пет години, соопштуваат од Основното јавно обвинителство.

Резултатите од направената анализа со DNA view програмата покажаа дека се работи за лице од машки пол на возраст 30-40 години. Не се пронајдени траги на насилство. Врз основа на компаративна анализа на земените ДНК-профили на други лица, добиен е резултат што со веројатност од 99,9 отсто укажува дека пронајдениот череп припаѓа на лицето Насер Селмани од Гостивар, возач на ректорот на Државниот универзитет во Тетово, соопштуваат од Обвинителството.

На 13 минатиот месец од десната страна на магистралниот пат Гостивар – Стража на околу половина километар од Стража, од страна на случаен минувач, беше пронајден човечки череп без долна вилица.

Надлежен јавен обвинител извршил увид на местото и издал наредба за вештачење на пронајдениот череп, со цел да се утврди возраста, полот, времето на смртта, ДНК профилот, евентуални биолошки и папиларни линии, како и можни механички повреди или други оштетувања.

cherep

Во исто време, беше издадена и наредба за вештачење на биолошки материјал од потесното семејство на исчезнатото лице, односно од сопругата и трите малолетни деца на возачот, со цел да се утврди дали пронајдениот череп му припаѓа на лицето што се води како исчезнато од 14 октомври 2011 година.

Имено, пред пет години на еден километар пред Стража од десната страна, по пријавата за исчезнување на Насер Селмани од Гостивар, од страна на полицијата беше пронајдено службеното возило, но не и исчезнатиот гостиварец.

Основното јавно обвинителство Гостивар продолжува со преземање на дејствија за расветлување на настанот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top