| четврток, 6 декември 2018 |

Охридскиот „Св.Апостол Павле“ втор аеродром во Европа според брзината на пораст

Охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ е втор аеродром во Европа според брзината на пораст во првите три месеци од годинава во категоријата под пет милиони патници годишно, соопшти „ТАВ Македонија“.

Ова признание за аеродромот кој го раководи „ТАВ Македонија“ доаѓа од Меѓународeн совет на аеродроми за европскиот регион, кое во својот последен извештај бележи раст на бројот на патници на „Св.Апостол Павле“ во првиот квартал од 2016 година од 173,9 проценти.

– Значителниот пораст од 173,9 проценти на бројот на патници на „Св. Апостол Павле’’ во првиот квартал, измерен од страна на Советот надвор од туристичката сезона во Охрид, се должи, пред сè, на воведените нови линии минатата година од охридскиот аеродром за Базел, Цирих и Лондон. Очекуваме порастот да продолжи до крајот на годината, со оглед на постојните чартер-летови во главната туристичка сезона каде што најбројни се патниците од Холандија, но и на новата директна редовна линија Охрид – Белград, која во јуни ќе ја воведеме заедно со авиокомпанијата „Ер Србија“, како и новите чартер-летови – Охрид – Тел Авив со израелската авиокомпанија „Аркија“ и Охрид – Брисел, со најголемиот европски тур-оператор „Томас Кук“, кои исто така ќе почнат следниот месец, изјави Зоран Крстевски – генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Аеродром Охрид

Извештајот се однесува на сите цивилни патнички летови (регуларни, нискобуџетни и чартер-летови) и вклучува 206 аеродроми преку кои се одвива 88 отсто од европскиот воздушен сообраќај на патници. Според него, европскиот аеродромски сообраќај во првото тримесечје од годинава пораснал за 7,8 проценти.

– Аеродромите во Европа постигнаа одлични резултати во поглед на патничкиот сообраќај во првиот квартал од 2016 година. Иако дополнителниот ден во февруари и велигденските празници во март помогнаа, зголемувањето на магнитудата на сообраќајот на многу аеродроми пркосеше на економската гравитација. До одреден степен, се спротивстави и на се понеповолното геополитичко и безбедносно опкружување. Се додека овие ризици остануваат под контрола, а горивата се достапни, очекуваме позитивен исход за авиосообраќајот до крајот на годината – изјави Оливиер Јанковец, генерален директор на Меѓународeн совет на аеродроми за европскиот регион.

Фактот што аеродромите се особено фокусирани на подобрување на нивните конкурентни позиции и се борат да привлечат нов сообраќај исто така игра важна, но, според Јанковец, често занемарена улога во одржувањето на достигнатото ниво на сообраќај.

Најбрзорастечки аеродром во Европа во категоријата под 5 милиони патници годишно е воздушното пристаниште во белгискиот град Лиеж, каде што во првото тримесечје од годинава имало пораст на патници од 275,4 проценти. Зад аеродромите во Лиеж и во Охрид, меѓу првите пет се рангирани и аеродромите во белгискиот град Остенд (136,6%), Санторини (127,1%) во Грција и Орадеа (70,7%) во Романија. Генерално, европскиот аеродромски сообраќај во оваа категорија во првиот квартал од годинава пораснал за 8,9 проценти.

Аеродром Охрид авион писта

„ТАВ Македонија“ ја заврши 2015 година со 22 проценти пораст на вкупниот број патници на двата македонски аеродрома – скопскиот ,,Александар Велики“ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле“, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11 проценти, достигнувајќи 15.510.

Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите четири месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 486.968 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на полетувања и слетувања на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top