| четврток, 6 декември 2018 |

Баерн го повлече првиот потег, суперталентот на Бенфика Ренато Санчез од следната сезона на „Алијанц арена“

rеnato sancez

Баерн Минхен го повлече првиот конкретен чекор на фудбалската берза во пресрет на летово, успевајќи да го договори трансферот на суперталентот на Бенфика, Ренато Санчез. Овој трансфер беше потврден преку официјалната веб-страница на баварскиот гигант и претставува огромно изненадување, ако се знае дека младиот Ренато требаше да биде главното засилување на Жозе Мурињо во Манчестер јунајтед за следната сезона.

„Црвените ѓаволи“ во неколку наврати праќаа скаути во Лисабон, но не успеваа да се договорат со Бенфика околу висината на отштетата. Баерн не ја објави сумата што ја плати, но германските медиуми тврдат дека станува збор за 35 милиони евра, плус дополнителни 15 милиони што баварскиот гигант би ги платил преку неколку различни клаузули.

Ренато Санчез е фудбалер за врска кој одлично се снаоѓа и во дефанзива, но и во организација на нападите на својот тим и сигурно ќе биде суперзасилување за тимот на Карло Анчелоти. Неговиот ангажман речиси сигурно значи и заминување на Тијаго Алкантара, кој најверојатно ќе го следи Пеп Гвардиола и ќе се пресели во Манчестер сити.

Воедно, весникот „Билд“ тврди дека Баерн денеска го договорил и трансферот на Матс Хумелс, откако се согласил да плати 38 милиони евра за германскиот репрезентативец, сума што Борусија Дортмунд ја бараше за својот најдобар дефанзивец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top