Оваа година по јубилеен 10-ти пат, во Струга ќе се одржи Меѓународната литературна манифестација „Година на есејот“.
-Имаме учесници од десет европски држави и Канада, ќе објавиме и Монографија која ќе биде промовирана во рамки на манифестацијата, а поканети се и сите десет лауреати, вели Разме Кумбароски.
Манифестацијата „Година на есејот“ што ја организира Медитеранската Академија, ќе се одржи од 2-ри до 6-ти јуни во Струга, Враништа и Охрид, на празникот Свети Никола-Летен. На истата ќе учествуваат лауреатите чиј творечки опус ќе биде претставен:Луан Старова и Јован Стрезовски (Македонија), Горан Калоѓера (Хрватска), Сретен Перовиќ (Црна гора), Радомир Андриќ (Србија), Ана Багарјана (Украина), Анатолиј Анатолјевич Парпара (Русија), Хелена Саблиќ-Томиќ (Хрватска), Петар Андасаров (Бугарија) и Младен Шукало (Босна и Херцеговина-Лауреат за 2016).
-Ќе биде одбележан драмскиот омаж „Шекспир во соништата‘‘ по повод 400 години од смртта на светскиот драмски автор Вилијам Шекспир. На јубилејното издание на манифестацијата свое учество ќе земат писатели и есеисти од:Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Србија, Романија, Русија, Украина, Црна Гора, Хрватска и Македонија. Манифестацијата почнува во четврток 2.6.016 во Враништа на Св.Никола-Летен со Арт Перформансот „Ткаеж‘‘ по книгата на Јован Стрезовски, кај Музејскиот простор Црковни Ливади. Новинарот и публицистот Милчо Јовановски ќе одржи беседа за „Пофалните слова и житија‘‘ на Св.Климент Охридски и крунисувањето на Цар Самоил. Во петок (3.6.) во 10.00 часот ќе се положи цвеќе на Споменикот на браќата Миладиновци и Јосип Јурај Штросмаер во Струга. Во Спомен домот ќе се одржи Арт-работилницата „На наши места ја да си идам‘‘ со промоција на повеќе нови книги како и одбележувањето 25 лета од постоењето на „Матица Македонска“. Прием кај Градоначалникот на Општината Струга. Посета на Природно-научниот музеј „д-р Никола Незлобински‘‘. Истиот ден (3.6.петок), во 20 часот, во Центарот за култура ќе се одржи Свеченото отворање на Јубилејната манифестација „Година на есејот“, со изложба на маестро Давор Шариќ (Хрватска). Во чест на Лауреатот Младен Шукало ќе се одржи Свечен концерт на Слободан Цветичанин (Хрватска) и пијано придружба на Јагода Треневска. Литературниот портрет и реч за лауреатот Младен Шукало (Босна и Херцеговина) ќе одржи д-р Веле Смилевски-Претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Потомокот на браќата Миладиновци, артистот Христо Миладинов, ќе ја изрецитира песната „Т`га за југ‘‘ од Константин Миладинов. Овогодишната Тркалезна маса на манифестацијата ќе се одржи на тема „Есејот и пирот“ (Пирот како Сокаратова Гозба и Трпеза), а ќе настапат учесниците од странство и од Македонија. Во Охрид попладнето ќе се одржи прошетка со брод по Охридското езеро и ноктурното „Сини питоми утрини‘‘-по книгата на Видое Видичевски,на терасата Аквариус. Нема да изостанат програмските содржини и настапите како:„Бистро езеро гледаш белеит‘‘; „К`де сонцето светло изгрева‘‘; и „Поле погледнеш или планина-секаде е божева убавина‘‘, ни соопшти Кумбаровски од „Медитеранска академија“ кои се организатори на манифестацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.