Седум илјади наставници во сите средни училишта во Македонија денеска ја почнаа обуката од проектот „Современи методи и техники на настава“, чија цел е да го подобри квалитетот на интерактивната настава во средните училишта.
Обуката има теоретски дел и поддршка во самата настава со практични примери, за да се поттикне креативноста на наставниците и учениците, да се развие критичкото мислење кај учениците и да се создадат предуслови за поголемо користење на дигиталните содржини.
Проектот се спроведува со поддршка на Јуниверзити Колеџ од Лондон. Во првата фаза беа обучени советници на Бирото за развој на образованието (БРО) кои сега, во втората фаза на процесот, ги обучуваат наставниците. До крајот на јуни обуките треба да завршат во сите средни училишта, а во септември ќе почне мониторинг на училиштата.
На првиот ден од обуката на наставниците, заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорката на БРО Весна Хорватовиќ денеска го посетија средното правно-екномско училиште „Васил Антевски-Дрен“. Ристовски истакна дека се работи за еден од исклучително значајните проекти и процеси кои МОН и БРО ги спроведуваа во текот на оваа учебна година.
– Обуката на советниците и наставниците ја реализираме со поддршка на Јуниверзити колеџ од Лондон, еден од најреномираните универзитети кој на Шангајската листа е рангиран во топ 20-те во светот. Универзитетот во Лондон во првата фаза од овој процес изврши комплетна обука за зголемување на компетенциите, вештините и полесна имплементација на процесот на интерактивна настава кај советниците во Бирото, кои беа обучени да бидат мастер-тренери и таа обука потоа да ја пренесат на сите наставници во средните училишта во Македонија, изјави Ристовски, додавајќи дека овој проект е корисен за наставниците, а дека најголем бенефит ќе имаат учениците.
Директорката на Бирото Весна Хорватовиќ рече дека наставниците ќе добијат сертификат кој е признат од Бирото за развој на образованието и од Јуниверзити колеџот во Лондон и дека тоа ќе им помогне во нивниот професионален и кариерен развој.
– Обуката се состои од осумчасовна теоретска обука и осумчасовна поддршка во самите училишта од страна на советниците. Значи, не само обука којашто сега ќе ја слушаат наставниците, туку и во текот на учебната година ќе бидат посетувани од советниците, со цел да им се помогне онаму каде што им е потребна помош и за да се слушнат нивните сугестии за подобрување на наставниот процес, додаде Хорватовиќ.
Инаку, на веб-страницата на Државниот испитен центар (http://prasanjaeksterno.dic.edu.mk) денеска е објавен базенот со прашања за екстерното тестирање за учениците, кое ќе се спроведе од 7 до 11 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст