| четврток, 6 декември 2018 |

Радост во „Борис Трајковски“, Карпош Соколи поведе против Куманово во плејофот

Екипата на Карпош Соколи со триумф ја отвори полуфиналната плејоф-серија во Суперлигата која се игра до три победи откако во „Борис Трајковски, во неизвесен финиш со 97-91 славеше над Куманово.

karpos sokoli

По воведното водство на Соколи, Куманово стрпливо ја чекаше својата шанса и сосема заслужено со добра игра во одбраната и пристоен шут од далечина го презема водството и по првата четвртина имаше солидна предност од 23-17.

„Соколите“ во вториот период го започнаа со фуриозна игра и започнаада ја топат негативата од седум поени која ја запечати Мишановиќ (18-25). Неколку дискутабилни одлуки на судиите што за малку ќе ескалираа во буквална физичка пресметка на паркетот на домаќинот му донесоа пенали, а со тоа и анулирање на негативата (36-36). Како одминуваше времето до крајот на првиот дел, така опаѓаше и концентрацијата кај кумановци па на одмор се замина со еден поен водство за „соколите“ (45-44).

Паузата на полувремето им послужи на домаќините да продолжат со агресивна игра и во третиот период. Брзите додавања по андворешните линии го зунија противникот, а паралелно позитивата започна да расте. Шепа влезе во ритам и со шутеви од далечина му донесе водство на својот клуб од 14 поени (73-59). Нервозата беше очигледна кај гостите што резултираше со нова казна од судиите. Се обиде Куманово со шутеви од далечина да го врати резултатот во своја корист, но топките не можеа да го најдат патот до противничкиот обрач. Повика Србиновски тајмаут, ги ’построи’ кошаркарите кои ја добија неговата доверба на паркетот па кумановци започнаа да ја намалуваат негативата (82-79). Се приближи Куманово на минус два (88-86) што го присили Матиќ овој пат да повика тајмаут да 60 секунди до крајот. Што и да им кажа на своите играчи – вроди со плод. Шепа беше прецизен за три поени (91-86), а петте поени негатива на 30 секунди пред крајот беа преголеми за Куманово да дојде до пресврт.

Марко Болтиќ беше најефикасен поединец за домашниот состав со дабл-дабл од 22 поени и 12 скокови. Шепа постигна 20 поени, Соколов – 15 поени. Кај Куманово, Трајковски запиша 19 поени, Симоновски 18, Мишановиќ – 12 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top