Поранешната кошаркарка на Црвена звезда Оливера Ќирковиќ ја очекува судење за бегство од затвор во Грција каде веќе издржува казна од 12 години затвор поради грабежи.
Членката на меѓународниот огранок на озлогласената група „Пинк Пантер” и поранешна кошаркарка на Црвена звезда Оливера Ќирковиќ, која поради грабежи е во затвор во Грција, тврди дека затворот е тажно место оти таму се живее само од надеж.
Во потресната книга „Пинк Пантер – Мојата затворска исповед”, во издание на белградска „Лагуна”, Оливера, која во Грција ја нарекуваат „жена – пајак“, го опишала својот бурен живот, но и мотивите за после успешната спортска кариера да им се приклучи на светски познатите разбојници на златари и продавници со накит.
Осудена на 12 години затвор поради организиран криминал, тешки кражби и вооружени грабежи, таа вели дека првите два месеца во ќелијата и биле најтешките во животот.
– Не јадев, не спиев, 24 часа мислев на синот кој дотогаш никогаш не се одвојуваше од мене. Неговото училиште, неговата кошарка, мојот затвор… Умирав од страв што ќе се случи со него. Грчките судови се строги, а казните се исклучително високи. Тука чуда ретко се случуваат, а извесна е само надежта дека некое чудо ќе ти се случи токму тебе – пишува Оливера откако била сместена во затворото „Коридалос” од кој спектакуларно побегна, поради што сега ја чека судски процес пред грчкото правосудство.
Тоа место опкружено со ѕидини, во кое деновите ги поминувала со другите осуденици, го опишува како институција во која никогаш нема мир и каде не се знае што носи следниот ден, а што следната ноќ.
– Сместена сум во соба во која има 26 жени. Врескаат и дење и ноќе. Постојано пушат и пуштаат гласна музика. Има кавги поради прозорецот, за столот, а редовно има тепачки и скубење коси. Мојот прв впечаток е дека сум сместена во психијатриска установа, а не во затвор. Голем број жени се психички пореметени. Седат беспомошни и немоќни што било да сторат. Бесконечно се мрзеливи и заинтересирани се само за озборување. Ова место е тешко и за борбени и силни, а камоли за болни. Затворот е место каде што живее сиромаштијата. Ги жалам. Повеќето имаат деца, а тоа е едно стравично тешко искуство. Повеќето од нив искрено и длабоко тагуваат. Недоверливи се, во секој миг очекуваат некакво подметнување од оние покрај себе. Таа болка не може да се опише, таа мора да се проживее за да се разбере – пишува Оливера, а пренесува белградски “Курир”.
На судењето пред грчкиот суд од десетмина обвинети, главно Срби, седуммина се прогласени за виновни и осудени на казни затвор од 7 до 24 години. Животниот партнер на Оливера Драган Г. (34) доби најголема казна од сите обвинети – 24 години затвор, поради обвинението за убиство на полицаец. Тоа и паднало особено тешко.
– За Драган зборуваа како да е воен злосторник. Беа презадоволни од резултатите од нивната истрага, иако јас се уште не бев сигурна зошто мене не ми посветуваа толкаво медиумско внимание. Иако не ми придаваа значење, ми се ситеа. Со помош на моето име и нивната фантазија повторно ќе добијат унапредување – вели Оливера.
Грчкиот суд утврдил дека групата учествувала во 1666 грабежи, меѓу кои и на златарница во Атина од која однеле накит и часовници вредни околу еден милион евра, додека од златарници на Родос и Санторини однеле плен од околу 3,5 милиони евра, а нивна мета биле и грчката кралица на теписите Деспина Моирараки и продавниците на “Хуго Бос”, како и десетици познати ТВ лица и дизајнерски продавници. Лидерот на групата Слободан Богдановиќ е осуден на 16 години затвор.
Кога Оливера Ќирковиќ одлучила да побегне од затворот си ветила себеси дека ќе побегне поради синот и дека никогаш повеќе нема да се разделуваат.
На одлуката да побегне од ќелијата влијаеле социјалната работничка од затворот, кога одолговлекувала со слободните денови и грчкиот адвокат на Оливера кој не ги доставувал наврме документите до судот ниту во законскиот рок поднел жалба.
– Моето недоаѓање судот го протолкува како непочитување и најстрого ме осуди. Самата да се бранев ќе добиев најмногу две години затвор! – пишува Оливера.
Оваа драконска казна која немала сили да му ја соопшти на синот кој бил во Белград влијеала на одлуката да побегне. Во тоа и помогнало сликањето, страст која ја открила по завршувањето на кошаркарската кариера.
– Моето бегство не го планираше никаква криминална група, ниту е платено со милиони. Тоа е личен чин и искористување на една ситуација на немарност – вели Оливера.
Преку сликањето се зближила со командирката на затворот која и предложила да ја наслика канцеларијата на директорот. А таа просторија ја делела само една соба од холот на главниот влез. Тука Оливера ја видела нејзината шанса. Цел месец ја сликала канцеларијата на директорот и детално го планирала бегството во кое вклучила неколкумина помагачи. Во една прилика ја замолила чуварката да оди до споредната капија и да земе од еден роднина спреј за цртање мурали со кој цртала по ѕидовите во затворот. Кога стражарката ја отклучила вратата, посетителот ја удрил со пиштол во главата, ја качил Оливера на мотор и побегнал.
Потерата била филмска, а во бегство била до ноември а кога повторно била уапсена била префрлена во уште построго чуваниот затвор „Елеонас Тива“ во кој е и денес.
– Моето бегство беше сфатено многу посериозно отколку што беше навистина. Затворот е полн со замки во кои можеш да се вплеткаш и никогаш да не излезеш од него, напишала Оливера.
И помогнала и пријателка од Атина која и изнајмила стан во близина на затворот. Оливера дознала дека ако стаса до Србија, тамошниот закон не дозволува екстрадиција на свои граѓани во туѓи земји. Но, не успеала во намерата.
Инаку, Оливера Ќирковиќ бандата “Пинк Пантер” во книгата ја опишува како “уметничка дружина”, а тоа е всушност името кое агентите на Интерпол и го дале на меѓународната криминална група специјализирана за кражба на накит.
Според сознанијата на Интерпол, во групата има неколку стотини членови, повеќето од Србија, а се проценува дека “Пантерите се одговори за кражби во вредност од 500 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст