Скопје и Македонија повторно станаа препознатливи по својата традиција за изработка на филигрански накит кој е спој на старото, традиционално, со современото. Успеавме да го вратиме овој занает со сиот свој сјај. Преку 100 учесници поминаа обука во новата, модерна филигранска работилница, а голем дел од нив отворија и свој бизнис. Нивните производи се продаваат насекаде во светот.
Ова беше речено денеска на отворањето на Деновите на филигрански накит. Манифестацијата на која има 11 изложувачи, ќе трае до недела. Посетителите можат да купат најразличен уникатен рачно изработен накит, обетки, брошови, ѓердани, алки,…, но и да видат директно, на самото место, како се изработува филигранот.
– Шест години се занимавам со филигрански накит. Одлучив тоа да ми биде професија до крајот на живтот. Покрај љубовта кон филигранот кој е постојано присутен во моето семејство, имав и многу идеи за дизајнирање накит. Барав начин да ги реализирам, изјави Катарина Дода, филигранистка и потпретседател на Занаечиската комора – Скопје.
Дода има свое студио за изработка на филигран. Главно продава на настани, а својата уметност ја презентира низ целиот свет. И претстои еден од најдобрите светски фестивали за заштита на стари занаети кој се одржува 12 години во Санта Фе, САД, фестивалот за стари занаети во Оксфорд, потоа и Турција, Израел,…
Како што вели, кај нас филигран повеќе купуваат странци, пред се поради куповната моќ. – Кај нашите потрошувачи има голем интерес, но сепак странците повеќе купуваат. Цената на филигранскиот накит зависи од моделот, од времето и материјалот кои се потребни. Кога работите уникатен производ, секако цената е повисока за разлика од некоја серија, иако никогаш не можете да ги повторите сите модели, истакна Дода, додавајќи дека за изработка на обетки со средна големина се потребни два до три дена.
Деновите на филигрански накит се одржуваат трета година. Според претседателот на Комората Никола Петров, голем е интересот за изработка на филигран. Идниот месец почнува нова обука во работилницата на Комората, а капацитетот е веќе пополнет.
– Се уште сме изненадени од тоа колку е голем интересот, но повеќе сме изненадени од профилот на луѓето. Скоро сите се академски граѓани, многу малку има среднисти, а ниту еден не е со основно. Занаетот го учеше и професорка на факултет, но и хирург. Во филигранството наоѓаат мир, спокојство и задоволство, нагласи Петров и изрази задоволство што Македонија полека го врати филигранството.
– Се радувам што успеавме да го вратиме ова автохтоно занимање. Ќе го изгубивме, како што се случи со други занаети. Филигранот се изработува многу години наназад, може да се рече и многу векови. Во моето семејство од 1925 година. Зависно од времето, се менувал материјалот за изработка, но никогаш техниките и вештините. Филигранот го среќаваме во нашите женски народни носии како колани, пафти, назалки за гради, обетки и се друго што служело за украсување на женските носии. Во прво време, украсите се изработувале од бакар, а подоцна од сребро, рече Петров.
Манифестацијата денови на филигранскиот накит е со тенденција да прерасне во традиција. Целта е оживување на традиционалните културни вредности и брендирање на филигранскиот накит по кој е препознатлива Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.