Во изминатиов период забележителна е зголемена активност во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово: изложби, претстави, концерти, детски претстави… Вие од неодамна сте прв човек на оваа институција, па кажете ни што ќе може наскоро да се проследи?
Костовски: НУЦК „Трајко Прокопиев“ е институција што функционира во три слични, но, сепак, различни сегменти: Центарот за култура, македонска и албанска драма во Театарот Куманово. Иако сегментите се со свои специфични потреби, задоволство ни е што сите можеме да ги именуваме како успешни. На редовниот репертоар на Театарот се претставите „Идиоти“, „Жена од минатото“, „Зад кулисите“, „Аудиенција“, „Пинокио“, „Волшебникот од Оз“ на македонската драма, и „Револвер“ и „Бонсерс“ на албански јазик. Во завршна фаза е подготовката на претставата „Ревизор“ од Гогољ, во режија на Андреј Цветановски, а во почетна фаза е претставата „Вообразениот болен“ од Молиер, во режија на Бен Аполони, режисер од Косово. Во Центарот за култура буквално секојдневно има активност во вид на некоја изложбена поставка, камерни концерти, промоции на книги, трибини, филмови… Наскоро, публиката ќе може да ја проследи изложбата на фотографии „Стори“, изложбата на слики на Новица Трајковски „Очите на ангелот“, дувачко трио од Скопје итн.
Каква е посетеноста на овие настани? Според вас, што најмногу ја привлекува публиката?
Костовски: Минатата година, настаните организирани од НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово ги посетија 57.740 посетители. Оваа година ќе се обидеме да ја надминеме оваа бројка. Според нашите анализи, најпосетени беа комедиите на препознатливиот фестивал „Денови на комедијата“, потоа останатите претстави во театарот, а другите настани од областа на културата, иако посетени со помалубројна публика, надоместуваат со интензивноста на прикажувањата. Се разбира, секој посетител на културен настан претставува мотивација за уметниците за уште поголема креативност и за уште поголем напор за уште посетители, а не задоволување во однос на претходниот период или во однос на некоја друга институција.
Пред вас е и организацијата на уште едно издание на фестивалот „Денови на комедијата“ што го спомнавте. Почнавте ли со подготовките? Ќе има ли годинава гости од странство?
Костовски: Како и останатите фестивали, и „Денови на комедијата“ почнува со подготовките веднаш по завршувањето или дури и во текот на претходниот фестивал. Оваа година ќе се одржи 19. фестивал по ред. Анализи, разговори, планирања, посети на претстави, контакти, преговори и договори, размена на искуства се дел од подготовките за уште едно успешно претставување пред публиката, колегите и пред медиумите. Гостувањата од странство ни се првичната активност од набројаниве поради поголемиот обем на обврски кон нив, усогласување на термините, гледање на претставите во електронска форма и сл. Со колегите од Македонија сето тоа е полесно, со оглед на големата желба, љубов и на големото искуство како на организаторите (членовите на Советот на фестивалот), така и на колегите од другите театри кои планираат комедија на своите репертоари со која традиционално настапуваат и на нашиот фестивал.
Голем е Вашиот напор во привлекување на младата публика. Имате детски концерти, претстави за деца, маскенбал за 1 април… Како реагираат најмладите?
Костовски: Спонтаноста на најмладите, искреноста и чесноста на децата можат да бидат најверодостојна оценка за сработеното. Затоа мислам дека сте во право кога оваа активност ја именувавте како голем напор, но и како големо задоволство. Во просториите на Центарот за култура е активна и многу успешна ликовната работилница на професорката Наташа Серафимовска и Школата за пијано на професорката Марија Тодоровска, Детско–младинскиот фолклорен ансамбл „Срма“ на Марјан Бошковски Маки, оркестарот на народни инструменти и етно-групата „Тоска“, многу успешни две секции на модерен танц, дури и со константен меѓународен успех – „Ултра“ на Александра Димитриевска и „Мак“ на Мерлин Стојановска, како и една со латино и стандардни танци „Динамик“ на Татјана Китановска Стојковска. Исто така, секоја година за најмладите подготвуваме детски претстави во Театар Куманово, а оваа година на репертоарот ни се спомнатите „Пинокио“ и „Волшебникот од Оз“ кои наидуваат на вистинска бура од позитивни реакции на децата, а тоа задоволство го пренесуваат и на родителите. Сметаме дека на овој начин трпеливо и постепено наоѓаме можност за создавање публика која ќе ги посетува фестивалите, претставите, изложбите во Куманово и во другите градови во Македонија, па и во странство.
Кога сме веќе кај гостувањата, дали планирате гостувања во текот на летото во земјава или во странство?
Костовски: Навистина се бројни гостувањата што ги планираме и што ги реализираме со сите матични форми, на фестивали и гостувања во цела Македонија, а од странство во Србија, Бугарија, Босна, Романија, Франција…
Каква улога има Министерството за култура во вашите активности?
Костовски: Поддршката на Министерството за култура на Република Македонија е од суштинско значење за реализацијата на планираните активности, се разбира, во делот на финансирањето, но и со советите, со предлозите и со секојдневните контакти со сите служби од Министерството кои ни се достапни за секој вид соработка.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 191. број на неделникот „Република“, 29.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст