| четврток, 6 декември 2018 |

Могерини: И Косово е Европа, многу постигнавме со визната либерализација

Federika-Mogerini-EU

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини денеска во Приштина честиташе на препораката за укинување визи за државјаните на Косово и воедно го потенцираше значењето на натамошниот дијалог со Белград.

Таа потенцираше дека визната либерализација ќе има позитивно влијание и на секојдневниот ѓивот и на политиката.

– Ова значи дека Косово е Европа и оти ние работиме на интеграција на Косово во ЕУ, истакна Могерини на прес-конференцијата по средбата со косовскиот премиер Иса Мустафа и комесарот на ЕУ за миграција Димитрис Аврамопулос.

Зборувајќи за продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, Могерини рече дека се постигнати голем број спогодби, но дека сега обете страни треба да дадат импулс за нивна имплементација.

– За мене како за посредник ми е најважно договорите да бидат спроведени како што треба, а во корист на луѓето и со цел јакнење на институциите, државата и односите во регионот, потенцира Могерини.

Аврамопулос, од своја страна, рече дека Косово е „дел од европското семејство“, дека е остварен значителен напредок и оти се вложуваат сериозни напори за исполнување на потребните критериуми на полето на правосудството и внатрешните работи.

– Нашиот извештај потврдува дека критериумите се исполнети. До моментот на стапување во сила на визната либерализација Косово треба да ја ратификува спогодбата за границата со Црна Гора и уште посилно да работи во борбата против корупцијата и организираниот криминал, истакна тој.

Аврамопулос додаде дека Европа не е тука да наметнува нешто, но дека во светот постои перцепција дека Косово е корумпирано и оти се уште постои организиран криминал, поради што треба да се работи на тоа.

Могерини и Аврампулос во Приштина допатуваа еден ден откако Европската Комисија даде препорака за либерализација на визите за Косово.

Мустафа дополни дека на работниот ручек со европските функционери станало збор за многу прашања од заеднички интерес, како што е препораката за визна либерализација, борбата против корупцијата, насилниот екстремизам и тероризам, како и дијалогот со Белград.

По средбата со Мустафа, Могерини разговараше и со претседателот Хашим Тачи, а ќе разговара и со претседателот на Парламентот Кадри Весељи. Исто така предвидено е да одржи говор на свечена седница во Парламентот, на која учество потврдија и пратениците од опозицијата, кои во последните месеци ја бојкотираат работата на зкаонодавниот дом.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top