Претседателот Ѓорге Иванов денеска со „Орден за воени заслуги“ ги одликува Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи, а со „Медал за храброст“ посмртно ги одликува и осумтемина припадници на безбедносните сили на МВР, кои на 9 мај 2015 година загинаа при антитерористичката операција во Куманово.
– Со овие медали за храброст ние нема да ги вратиме назад. Нема да ги избришеме солзите на нивните родители, сопруги, деца… Нема да ја исцелиме болката на нивните пријатели и другари. Нема да ја вратиме радоста во нивните домови – рече Иванов.
Но, како што посочи, со овој чин јасно покажуваме дека Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ не се заборавени.
– Нивната жртва не беше залудна. Напротив. Тие загинаа за нашите деца да имаат мирен сон, но и за побезбеден живот на нашите сограѓани, а со тоа и за заштита на националната безбедност на Република Македонија – додаде претседателот Иванов.
На 9 мај, на Денот на победата и Денот на Европа, како што истакна Иванов, бранејќи го нашето осумзрачно сонце, осум херои ги положија животите.
– Тажно е што место да им се оддаде должна почит, во јавноста се ширеа разни шпекулации, обвинувања и коментари во кои припадниците на полицијата беа омаловажувани и понижувани – рече Иванов.
Осумте херои, додаде, со својата жртва спречија дестабилизација на државата и конфликт што можеше да има несогледливи последици за мирот, безбедноста и стабилноста на Македонија и поширокиот регион.
– Во годината кога требаше да славиме четврт век независност, станавме нација заразена со сомнежи. Се шири недоверба во институциите и страв меѓу граѓаните. Македонското општество е поделено по речиси сите основи. Длабоката политичка криза го намали безбедносниот имунитет на Република Македонија – оцени македонскиот претседател.
Безбедносните сили, како што истакна Иванов, чувајќи го јавниот ред и мир низ нашата татковина спречуваат насилно уривање на државните институции, го заштитуваат животот, личната сигурност и имотот на граѓаните.
Во контекст на тоа додаде дека полициските службеници во овој период минуваат низ троен предизвик. – Врз вашите плеќи, вие и вашите браќа по оружје од АРМ ја носите тежината на мигрантската криза и насилството на границата. Се соочувате со безбедносните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, насилните акти во градовите и последиците од политичката криза – додаде тој.
Шефот на македонската држава оцени дека е крајно време да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и конечно, како што рече, да се помириме и да се сплотиме околу државниот интерес. – Оттука, нивната жртва е влог кон иднината и помирувањето на Македонија – истакна Иванов.
Шефот на македонската држава во оваа пригода ги повика сите Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи, атеисти…, како што рече да ги охрабриме и да ги поддржиме безбедносните сили во нивната мисија, но и да ја споделиме нивната надеж и верба во Македонија. – Верба дека Македонија има сила да ги надмине поделбите и одново да се издигне. Верба дека доаѓа нова генерација млади и посветени луѓе кои ќе работат за подобра иднина во Македонија. Со тоа, во вистинска смисла на зборот, ние ќе ја искажеме нашата благодарност кон хероите на Македонија – додаде Иванов.
На доделувањето на ордените присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков, припадници на безбедносните сили и членови на семејствата на македонските херои.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани