| четврток, 6 декември 2018 |

Следуваат огромни врнежи на Балканот: Македонија ја очекува најголемата поплава досега

Студен бран проследен со поројни врнежи од дожд го погоди Балканот. Во Србија е вклучен аларм за опасност од поплави во повеќе делови од земјата, а во Словенија има предупредување и за снежни лавини. И за цела Македонија денеска се најавени поројни дождови и грмотевици, кои некаде ќе преминат во невреме.

Во централна, југозападна и источна Србија во текот на ноќта и утре се очекува да наврнат до 50 литри дожд на метар квадратен поради што може да дојде до излевање на реките. Републикиот хидрометеоролошки завод активираше портокалов аларм.

Од таму соопштуваат дека во текот на целиот ден во поголемиот дел од Србија ќе преовладува облачно и врнежливо време. Дождот се очекува поинтензивно да врне во текот на ноќта.

– Портокаловиот аларм ги предупредува граѓаните во југозападна Србија и Косово и Метохија на можност од поплави. Утре во опасност се источна и југоисточна Србија – соопштиле метеоролозите.

Портокаловиот аларм значи и дека дождот може да предизвика материјални штети.

На опасност од поплави предупредила и потпретседателката на српската Влада, Зорана Михајловиќ која ги повикала сите јавни надлежни претпријатија и агенции да преземат превентивни мерки. Во Србија се очекува стабилизација на времето од четврток.

Во Словенија, пак, најмногу е погоден североисточниот дел на земјата каде има невреме и поројни дождови. На Алпите има голема опасност од снежни лавини.

На подрачјето на Марибор, Птуј и Мурска Собота во последните 20-тина часови наврнале 70 литри дожд на метар кавадратен.
Во текот на вчерашниот ден во североисточните делови на земјата пожарникарите и другите служби интервенирале повеќе пати, а и денеска постои опасност од излевање на реките затоа што се најавени поројни врнежи од дожд.

Поради снежните врнежи и понатаму на планините на сила е прогласената опасност од лавини.

Дожд и силен ветер има и во Хрватска. На јадранското подрачје можно е и да дојде до појава на невреме. Температурите во Хрватска денеска се движат од 9 до 14 степени.

Метеоролозите најавуваат дека дождот ќе се задржи во текот на целата недела, но температурите ќе бидат во пораст.

И Македонија ја зафати влажен бран. Најмногу дожд ноќеска и вчера наврнале во Пожаране 40 литри на метар квадратен, во Крушево 34, во Скопје на Зајчев рид 22, во Тетово 20, а во Охруид и Претор по 15 литри на метар квадратен.

Најладно било во Пожар, Крушево и Маврово каде се измерени шест степени, потоа во Ѓуриште, Берово, Тополчани, Претор и Куманово каде било осум степени, а најтопло во Гевгелија, Штип, Дојран – 13 степени.

Дожд со помал интензитет и релативно топло време, како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи имало и во други градови и населени места во земјата, а врнежи ќе има и денеска.

Денеска претпладне времето ќе биде променливо облачно, со повремен локален дожд, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен југоисточен ветер.

Доцна попладне и во текот на ноќта врнежите ќе бидат пообилни проследени со ретки грмежи и локално се очекува да наврнат над 40 литри на метар квадратен.

Температурата ќе се движи од 15 до 19 степени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top