| четврток, 6 декември 2018 |

Фени Индустри и Куманово се пласираа во полуфиналето

prva-makedonska-kosarkarska-liga-basketball

Комплетирани се полуфиналните двојки во плејофот на кошаркарскиот шампионат на Македонија.

Фени Индустри вечерва во салата „Јасмин“ во Кавадарци го совлада Кожув со 82-69 и со конечни 3-1 во партии обезбеди пласман меѓу четирите најдобри екипи.

Првото полувреме беше изедначено, домаќинот имаше предност од еден поен (39-38). Но, Фени Индустри одигра одлично во третата четвртина, која ја добија со 21-7 и тоа беше клучниот момент за конечниот исход на овој меч. Во победничкиот тим најефикасни беа Карло Враговиќ со 27 и Кирил Николовски со 14 поени.

Фени Индустри во полуфиналето ќе игра против актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром.

Во вториот дуел одигран вечерва, Куманово на домашен терен го совлада Работнички со 100-94 и со 3-1 во партии е последниот патник во полуфиналето од плејофот на кошаркарскиот шампионат на Македонија.

Стартната петорка на домашната екипа одигра одлично, сите играчи натпреварот го завршија со двоцифрен број на поени. Најефикасен беше Бојан Трајковски со 27 поени и 10 скокови. Александар Костовски постигна 19 поени и 8 асистенции, а Ненад Мисановиќ покрај 19-те поени имаше и 9 скокови.

Кај Работнички расположен за игра беше Ѓорѓи Чековски со извонредни 29 поени, 10 скокови и 9 асистенции, но на крај недоволно за најтрофејниот клуб да се избори за „мајсторка“.

Куманово во полуфиналето ќе игра против Карпош Соколи.

Полуфиналната серија стартува во петок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top