| четврток, 6 декември 2018 |

Внимавајте ако планирате одмор во Црна Гора – мeсто плажа ќе ве пречекаат багери

Почетокот на претсезоната на црногорското приморје го одбележија колони, прав и бучава. Поради работата на патот кај ‘ртот Завала возилата стојат со часови, пишува српскиот весник „Вечерње новости“.

На почетокот на годинашната туристичка сезона повторно се сретнаа туристите и багерите. Овој пат таа „блиска средба“ е многу поизразена од лани, а причина за тоа е изградбата на две нови ленти што ќе ги поврзуваат булеварите на Будва и на Бечиќи. Кај ‘ртот Завала, каде што сложените работи се изведуваат од втората половина на јануари оваа година, владее вистински хаос.

Во километарски колони, возачите на патнички автомобили и тешки камиони чекаат со часови да влезат во Будва од правецот на Бечиќи или да излезат од градот. Се тоа во „декор“со прав и со бучава, секако е непримерено добредојде на првите гости.

Дека годинашната претсезона е дочекана неподготвено, посебно кога се во прашање сообраќајниците (на магистралниот пат од Подгорица, преку Цетиње до Будва, поради градежните изведби со часови траат прекини на сообраќајот), предупредија токму од Комисијата за туризам на Стопанската комора на Црна Гора.

„Се зборува дека градежните изведби ќе бидат завршени до почетокот на сезоната и слично“ – вели Драган Иванчевиќ, претседател на Комисијата. – Сезоната почнува кога ќе стигнат првите гости. А тие веќе се дојдени. Истите грешки се повторуваат со години, што лошо влијае на имиџот на нашата туристичка дестинација. Туристите и градежниците не можат заедно да бидат на плажите, но тоа никако да го научиме.

Градежните машини брчат и на друго место, посебно на Будванската ривиера, покрај самиот патишта и плажите, кои сè уште не се средени како што треба. Тие ќе траат до средина на мај, што секако негативно ќе се одрази на почетокот на сезоната, за која велат дека ќе биде една од најдобрите во историјата на туризмот во овие краишта.

– Единствена светла точка се хотелиерите и реставратерите, кои своите објекти ги подготвија навреме – вели Иванчевиќ. – Но, гостите не седат само во хотелите, одат на прошетка, на плажа, до центарот на градот. А сето тоа оди тешко кога се опколени од градежници и нивните машини.

Туристичките работници на Црна Гора се согласуваат дека на прагот е најдоброто лето, што го покажуваат многубројните договори за закуп на хотелските капацитети, како и приватните вили и апартмани. Зголемен е интересот на туристите за црногорското приморје на пазарот на западна Европа, а на саемот во Москва најавено е доаѓање на голем број на гости од Русија и од другите земји на поранешниот Советски Сојуз. За колку толку да се намали градежниот проблем, потребно е на најважните делници на патиштата што се шират, но и за станбените згради во изградба, да се воведе и трета, ноќна смена.

Деновите, исто како и ноќите, се топли и без врнежи, што е добра можност за работење во текот на цели 24 часа, пишуваат „Вечерње новости“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top