| четврток, 6 декември 2018 |

Самарџиски повторно ќе отсуствува од квалификациите за ЕП?!

samardziski

Новиот македонски селектор Драган Раца уште на самиот почеток се соочува со огромни проблеми околу составот на репрезентацијата за претстојните квалификации за Евробаскет 2017. Центарската позиција, која ионака е една од „најтенките“ во нашиот состав би можела да биде дополнително ослабена откако Предраг Самарџиски најавил дека нема да може да му помогне на националниот тим во претстојниот квалификациски циклус.

Од Македонската кошаркарска федерација за „Република“ ја потврдуваат оваа информација и потенцираат дека Самарџиски добил условна забрана од лекарскиот тим на неговиот клуб за настап на квалификациите за Евробаскетот бидејќи има хронична повреда која треба да ја санира во текот на летната пауза доколку сака и понатаму да игра кошарка и да помине без последници.

Селекторот Раца и челниците на МКФ најавуваат дека повторно ќе разговараат со центарот на Бујукчекмече во обид да го убедат да го смени својот став на оваа тема. Центарската позиција е најболна точка во нашиот состав откако покрај Тодор Гечевски репрезентативните кариери ги завршија и Перо Антиќ и Ѓорѓи Чековски. Челниците на МКФ изразија незадоволство од Ричард Хендрикс и Американецот сигурно нема да биде дел од националниот тим во претстојните квалификации, па речиси сигурно е дека новиот натурализиран играч ќе биде засилување за битката под обрачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top