| четврток, 6 декември 2018 |

Салати, торти, палачинки: 6 рецепти со варени јајца

Празниците поминуваат и без разлика на тоа колку јајца сваривте, поделивте и искршивте, сигурни сме дека ви останаа уште неколку. Немојте да ги фрлате бидејќи токму вареното јајце е главна состојка на многу вкусни салати и специјалитети.

 

Пилешка салата

Потребно:

170 гр зелена салата, 100 гр бело грозје, 300 гр сварено бело месо, 2 тврдо варени јајца

За прелив:

2 чаши јогурт, една лажичка сенф, половина лажичка растително масло, 2 лажички мајонез

Подготовка:

Јогуртот, сенфот и растителното масло добро се мешаат. Измиените листови од зелена салата се редат на плитка чинија. Врз нив се става исечкано бело месо и крукчиња од варените јајца, а врз нив се расфрлаат на пола пресечени зрнца од бело грозје. На крај се прелеваат со спремениот сос. Оваа салата се служи исклучиво ладна.

6-recepti-so-vareni-jajca-5

Ница салата

Потребно:

1 варено јајце, 1 домат, 1 краставица, 1 пиперка, туна конзерва, неколку црни маслинки, 1 кромитче, китка зелена салата, малку маслиново масло, сок од лимон, сол, бибер

Подготовка:

Јајцето и доматот ги сечеме на парчиња, краставицата на коцки, пиперката на ленти, а кромидот на крукчиња. Зелената салата се расцепкува на помали делови. Измешајте го зеленчукот, зачинете со маслиново масло, сок од лимон, малку бибер и додајте ги маслинките.

6-recepti-so-vareni-jajca-2

Француска салата

Потребно:

300 гр рокфорт сирење, 2 јајца, 3 домати, 3 лажици грашок, 3 главчиња кромид, 4 лажици тартар сос, 4 лажици павлака, лажица сок од лимон, лажица јогурт

Подготовка:

Сирењето и тврдо варените јајца се сечат на коцки, па им се додаваат сечканите домати, грашокот и кромитчето. Се меша тартар сосот, павлаката, сокот од лимон и јогуртот и со тоа се прелева салтата. Пред да ја послужите оставете ја во фрижидер да се олади.

6-recepti-so-vareni-jajca-1

Салата со варени јајца и шунка

Потребно:

3 варени јајца, 250 гр варена шунка, 1 рендан морков, 100 гр варени макарони, прелив од мајонез, павлака и сенф, сол и бибер

Подготовка:

Белката од јајцата се сечка на коцки, а жолчката испасирајте ја и измешајте ја со ситните парчиња варена шунка. Додајте ги варените макарони, па сето тоа зачинете го со прелив од мајонез, павлака и сенф.

Зачинете по желба со сол и бибер, посипете со рендан морков, украсете со босилек, магданос или крукчиња јајца.

6-recepti-so-vareni-jajca-3

Палачинки со фил од јајца

Најпрво се прават палачинки од компир. Сварете го компирот со лушпа, изгмечете го, помешајте го со брашно, малку сол и од него направете тесто. Тестото поделете го на неколку делови и секој од нив развлечете го на подлога со брашно. Потоа во тава тестото се пече од двете страни.

За филот потребно е тврдо варените јајца и компирите да ги исечкате на помали делови и да ги помешате со малку ситно сечкан кромид и зеленчук по желба. Мајонезот помешајте го со малку оцет, па потоа со сечкани јајца и зеленчук. Посолете, па повторно помешајте.

Наполнете ги палачинките, ставете ги на чинија и прелијте ги со чили сос и павлака.

6-recepti-so-vareni-jajca-4

Торта од пиперки

Потребно:

1 пакување тост – леб, 10 печени пиперки, 400 гр мајонез, 2 павлаки, 4 кисели краставички, 4 варени јајца, 250 гр шунка, 100 гр фета сирење, малку кечап, 150 гр кашкавал

Подготовка:

Помешајте мајонез и павлака, па поделете го на три дела. Во првиот дел додајте исечкани краставички и исечкани варени јајца. Во вториот дел додајте ситно исечкана шунка, изгмечено фета сирење и кечап по вкус. Во третиот дел смешајте рендан кашкавал и уште една павлака. Печените пиперки исечете ги на ленти.

Наредете 6  парчиња леб (без кора), па нанесете го првиот фил. Врз нив наредете ги лентите од печени пиперки, па повторно 6 парчиња леб. Нанесете го и вториот фил, па уште еден ред печени пиперки и на крај покријте го сето тоа со уште еден ред леб.

Целата торта премачкајте ја со третиот фил и украсете по желба.

6-recepti-so-vareni-jajca-6

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top