| четврток, 6 декември 2018 |

Честитики по повод Велигден од Комисијата за односи со верските заедници

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗ) упати телеграма со честитки до Македонската православна црква – Охридска архиепископија и поглаварот, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по повод Воскресението Христово – Велигден.
– Баше Блаженство, дозволете ми во овие прекрасни мигови на велигденска радост и вистинска љубов, да Ви упатам Вам, како и на членовите на Светиот синод, и на сите православни верници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во земјава и во странство, срдечни честитки по повод празникот над сите празници – Воскресението Христово – Велигден, се вели во телеграмата од Комисијата.
Во духот на вековното македонско празнување, се додава, и годинава камбаните гордо бијат во македонските цркви одбележувајќи го празникот над сите празници – Воскресение Христовото – Велигден.
– Спасителот Господ Исус Христос вели: „Во светот ќе имате многу неволји, но не бојте се зошто Јас го победив светот!“ Тој воскресна и ги поведе луѓето кон победа, сигурна и конечна. Ниту смртта, таа непријателка на сè што е живо, нема целосна власт во нашиот живот. Тоа искуство на верата и денес останува цврста потпора за секој христијанин со радост да воскликне и да го воспева овој голем настан, се посочува во телеграмата.
Како народ на верата, се потенцира, отсекогаш сме го љубеле Бога кој е нашата сила, нашиот крст со кој сме ги победувале сите неправди и зла.
– Богољубивиот наш македонски народ во својата историја безброј пати се искачувал на Голготата на прогонствата и страдањата, но секогаш силите на мракот биле победувани со сјајот на нашето народно и црковно воскресение. За жал, и на овој Велигден ќе кажеме дека сè уште постојат такви сили, кои не го прифаќаат нашето постоење, а со тоа ја отфрлуваат нашата вера и нашите православни христијански вредности. Но, како доследни наследници на нашите свети апостоли на мирот, ние, овде во Македонија, и насекаде каде што нè има, чувствуваме света должност да ја чуваме нивната спасителна мисија, да ја браниме нашата татковина која е лулка на писменоста, духовноста и културата на многу народи. И токму во силната вера и приврзаност кон ваквото свето предание да бидеме светлина која постојано ќе воскреснува во европските и светските културни, научни и духовни придобивки, се нагласува во телеграмата со честитки од Комисијата.
Нека е честит Големиот ден – Воскресение Христово, се порачува во телеграмата, и нека Господ нè обдари со сила, верба и благослов, за да го сочуваме и негуваме она што Тој ни го даде како завештание, чекорејќи гордо и македонски по патот на праведноста, одговорноста и чесноста. Нека е честит и вековит празникот! Христос Воскресе!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top