Да работиме заедно за подобро здравје на работниците во Република Македонија, е пораката која денеска ја упатија учесниците на тркалезната маса „Несреќи, повреди и смртни случаи при работа во Република Македонија“. Со тоа се одбележа 28 Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
Секоја година 28 Април е посветена на посебна тема, која претставува проблем на работниците ширум светот. Оваа година мотото е „Стрес на работа, колективен предизвик“.
Проф. д-р Јованка Караџинска Бислимовска, претседател на Националниот совет за безбедност и здравје при работа на Република Македонија информира дека годинава Советот за безбедност и здравје при работа на Република Македонија ја презеде обврската од досегашниот организатор, Македонското здружение за заштита при работа, да ја организира манифестацијата и да го одбележи 28 Април.
Таа појасни дека стресот на работа е присутен како феномен и го обележува секое работно место и секој работник е изложен на психосоцијалните штетности на работата и на работното место.
– Нашата порака ќе биде кон работниците, работодавачите, професионалците кои се бават со проблемот на здравје и безбедност при работа, стручните лица, инжинерите за заштита при работа, доктори специјалисти по медицина на труд, претставници на вработените од областа на безбедност при работа и задолжените во државата-Трудовиот инспекторат и ресорните министерства да ја пренесат пораката-Да работиме заедно за подобро здравје на работниците во Република Македонија, рече Караџинска Бислимовска.
Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски информира дека во нивниот годишен извештај за 2015 во нашата држава има 39 смртни случаи и околу 105 потешки несреќи на работното место.
– Ова не се конечни бројки бидејќи ние информациите ги црпиме од објавените новости, од медиумите. Имајќи предвид дека во Република Македонија се гине на работното место, и понатаму земјоделството ни е број еден „убиец“ на работници во нашата држава. Иако постои мислењето дека градежништвото е професија која е животно-загрозувачка, сепак земјоделството е тоа каде најголем број од несреќите на работното место се случуваат, рече Петковски.
Во 2015 година, како што рече, бројот на несреќи на работни места се намалува во однос на претходната, 2014 година. Според него, сепак и понатаму Македонија е во групата во земјите кои не посветуваат доволно внимание на превентивата, туку повеќе на последиците од несреќите.
Тој укажа дека секоја несреќа на работното место не значи само директна штета на тој на кој му се случува или на непосредното семејство. – Таа значи директно влијание на буџетот на Република Македонија, каде компензациите кои всушност се однесуваат на повредени, загинати, луѓе кои се професионално заболени од своите работни места можат да бидат и до десет пати повеќе отколку вложувањето во превентивата, рече Петковски. Додаде дека во Република Македонија кардиоваскуларните заболувања и изливите се болести кои се повразни со стресот.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Живко Митревски појасни дека дел од нивните цели се да се заштити животот на работникот и да ги унапредат условите за безбедност и здравје при работа.
– Во рамки на кампањата која ќе ја имаме за мај за организирање и мобилизирање ново членство, продолжуваме со нашата кампања за обезбедување безбедни и здрави работни места. Тоа значи активно вклучување и фокусирање на Синдикатот во имплементирање на измените на Законот за безбедност и здравје при работа, каде е видоизменета позицијата на претседтаелот на синдикалната организација, рече Митревски.
Преку измените и дополнувањата на Законот за безбедност и здравје при работа, како што рече, директно ќе бидеме вклучени и во делот со справувањето со безбедносните неприлки, во делот на правење анализи околу подобрување на безбедноста и во делот на подобрување на контролата која ќе ја спроведуваат синдикатите врз сите работни места, најмалку два пати годишно.
– Со можност дури и да го запреме процесот на производството, тоа е новина која ќе ја спроведуваме годинава. Записниците на инспекторите ќе бидат мониторирани од страна на претседателите на синдикати, рече Митревски. Најави дека и годинава на терен ќе ги мобилизираат сите нивни работници во делот на обезбедување побезбедни услови за работа на работниците.
Тој информира дека анализите од донесувањето на измените и дополнувањата на новиот Законот за безбедност и здравје при работа, кој има околу една година, покажуваат оти има подобрување на состојбата.
Митревски потсети дека е донесен Законот за мобинг и додаде оти има обучени активисти кои се поврзани со заштита од мобинг.
– Да се фокусираме и да ги превенираме сите оние мерки кои можат да предизвикаат стрес, од каква било природа, рече Митревски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.