Загина Дражен Петровиќ – оваа вест одекна низ светот, остави белег и во земјите од поранешна Југославија, но го потресе и светот. Хрватската кошаркарска ѕвезда замина млад, на 28-годишна возраст. Загина во сообраќајна несреќа на кобниот 7 јуни 1993 година на автопатот кај Денкендорф. Угледниот американски „Волстрит журнал” напиша дека Петровиќ беше лице на војната во поранешна Југославија, но и човек со совршен шут.
Хрватската репрезентација тогаш заедно допатувала од Полска, од квалификациите за Европското првенство. Дражен не морал да биде таму зашто Хрватска ќе се квалификувала и без него. Сепак, не сакал да го пропушти настапот со репрезентацијата. Стигнале во Германија, а судбината сакала остатокот од тимот да патува за Загреб со авион, а Дражен да тргне со автомобилот на својата девојка и со нејзината пријателка. Попат „голфот“ удрил во камион. Тогашната девојка на Дражен, Клара Шаланти, се обидела да сврти, но било предоцна. Тој спиел на совозачкото седиште и загинал на местото на настанот.
Замина Сашка Петковска, песните останаа
Замина Дражен Петровиќ, заминаа и многу македонски имиња кои оставиле белег со она што го работеле во својот живот. Постарите раскажуваат, помладите слушаат за дамата со прекрасен глас, Сашка Петковска. Загинала на триесет и двегодишна возраст, во сообраќајна несреќа на 31 август 1983 година, патувајќи на концерт во Свети Николе. Зад себе ги остави сопругот Марио Липша и двете ќерки. Во кобната сообраќајка загинаа и тројца члена на групата „Авона“ – Вељко, кој тогаш имаше 26 години, Петранка имаше 27, а Евдокија 23 години.
Времето не им се погоди, врнежливо и студено. Дали поради грешка на возачот или лизгавиот пат, автобусот со кој патуваа излета од патот и се преврте.
Тројца политичари загинаа во 90-тите години
Во самостојна Македонија, на 19 декември 1991 година ударна вест беше загинувањето на Јордан Мијалков, првиот министер за внатрешни работи во првата македонска влада. Веста се прошири брзо – на 1,5 километар пред Бујановац на патот кон Врање во сообраќајна несреќа загина Мијалков. До несреќата дошло при претекнување во услови на голомразица, при што „мерцедесот“, кој бил управуван од возачот на Мијалков, со 180 километри на час првин удрил во банкината, а потоа „полетал“. Од другата страна во негова насока се движела „лада“ управувана од Албанец, кој ги возел своите четири деца. Мијалков патувал во Белград, а повод за шпекулациите дека бил ликвидиран е најден во фактот што тоа се случувало еден ден пред Македонија да го објави барањето за независност. Непосредно пред смртта Мијалков примил делегација на југословенското разузнавање – КОС, но се тврдеше дека средбата поминала во пријателска атмосфера.
Во сообраќајна незгода загина и Горан Николовски, некогашен претседател на градското собрание. Сообраќајната несреќа се случи во 1995 година пред Матка. Во превртениот автомобил животот го загуби Николовски, преживеа девојката што била со него. Излегоа многу шпекулации и за неговата смрт.
И министерот од редовите на ЛДП, Радован Стојковски, загина во сообраќајна несреќа. Норвешкиот капетан во КФОР, Один Кристијан Вестли, беше главен виновник за тешката сообраќајна несреќа на 28 август 1999 година кај Катланово, во која, покрај министерот, животот го загубија и неговата сопруга и ќерката, како и возачот на владиното „ауди“. Капетанот беше осуден со условна казна во неговата родна земја. Врховниот суд во Норвешка, решавајќи за жалба што ја вложил норвешкиот обвинител што го водел случајот, ја потврди првостепената пресуда, со која Вестли е казнет на шест месеци затвор за убиство од небрежност во сообраќајна несреќа. Норвешкиот капетан Вестли, возејќи во спротивен правец од дозволениот на патот Скопје – Велес директно удрил во службениот автомобил на тогашниот министер Стојковски.
Мето, Котевски, Даниел, Љуц…
Во 2000 година замина Методија Веновски-Мето, атлетски тренер и спортски работник. Кобниот ден со репрезентацијата на Македонија патуваше на Балканското првенство во сала во Атина.
Дванаесетти ноември 2001 година, 9 часот наутро, на патот Прилеп – Скопје, во непосредна близина на каменоломот, кај селото Тројаци, се случи тешка сообраќајна несреќа, во која животот го загуби пратеникот во Републичкото собрание Ѓорѓи Котевски од Битола, член на ВМРО-ДПМНЕ. Во автомобилот беше со неговата сопартијка Весна Јовановска, која беше тешко повредена. До несреќата дошло во моментот кога Котевски, управувајќи го својот автомобил „сеад толедо“, од засега непознати причини загубил контрола над управувачот, излетал од патот и удрил во карпа. Од силниот удар, „толедото“ се превртело и на превртеното возило налетал камион кој директно удрил во автомобилот. Од директниот удар, Котевски добил тешки повреди и починал на самото место.
Септемвриско утро во 2004 година. На новинарите таа среда им почна со веста дека нивниот колега Даниел Михајловски доживеал тешка сообраќајна несреќа. Молитвите за спас на Даниел траеја неколку дена. Веќе во петокот се прошири веста дека им подлегнал на повредите. Дваесет и осумгодишниот уредник на некогашниот неделник „Ритам“, кој излегуваше во рамките на тогашниот весник „Време“, доживеа сообраќајна несреќа на крстосницата на булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Московска“ во Скопје. При судирот на „дачија“, во која се возел штипјанецот Михајловски, и на такси-возило „лада“ потешко беа повредени уште четири лица. Вечерта го прославувал раѓањето на новиот член во неговото семејство.
Први октомври 2005 година светот го напушти Зоран Костадиновски, познат како Љуц, сопственик на кафеаната „Љуц“. Загина во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Делчево – Штип. Џипот „ландровер“ со кој тој управувал се судри со кумановски камион „даф“ . Загина и сопатникот на Љуц, дваесетгодишниот Раде Темелков.
Замина и Тоше, хитовите сè уште се пеат
Како што веста за Дражен Петровиќ одекна во 1993 година, така на 16 октомври 2007 година одекна и веста дека загинал Тоше Проески. Сите со доза неверување и со надеж дека некој повторно измислува приказни за македонската поп-ѕвезда ја примија веста дека Тоше загинал во сообраќајна несреќа во Хрватска. За жал, овој пат не беше измислена приказна. Загина во сообраќајна несреќа на два километра од клучката кај Нова Градишка, при судир на неговиот „фолксваген туарег“ и камион. Во возилото, освен Проески, кој спиел на совозачкото седиште, биле и менаџерката Лилјана Петровиќ и Ѓорѓе Ѓорѓески, кој управувал со возилото.

Возилото во кое бил Тоше удрило во приколката на камионот, по што завршил во тревната површина. Подоцна Ѓорѓе беше осуден на две години затвор поради непочитување на сообраќајните правила, возење со недозволена брзина и недоволно растојание меѓу возилата. Веста за Тоше ја објавија и светските медиуми, меѓу кои „Би-Би-Си“ и „Си-Ен-Ен“ нарекувајќи го македонскиот Елвис Присли. Земјите од поранешна Југославија жалеа и сè уште жалат за прераното заминување на човекот со ангелски глас.
Август 2011 година – загина Љупчо Митрушев, познат како диџеј Пауер, враќајќи се од Крива Паланка. Митрушев бил сопатник во возилото кое излетало од патот и удрило во бетонски столб.
Смртта за македонскиот диџеј Љупчо Митрушев ја погоди поголем дел од јавноста бидејќи тој беше познат меѓу луѓето, почитуван и поддржуван во својата работа. Успешно ги забавуваше луѓето и имаше многубројни настапи во македонските дискотеки и кафулиња.
Големото новинарско перо
Среда напладне. Се слушна дека новинарот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов, доживеал сообраќајна несреќа. Сознанијата одат до најлошото. Надеж дека, сепак, се работи за мала сообраќајна несреќа. За жал, фотографот на „Република“ стигна до местото и испрати фотографија од превртениот автомобил на Младенов. Беше јасно. Веста е точна. Целосно точна. Младенов направил сообраќајка на автопатот Велес – Скопје, во близина на Хиподром. „Мерцедесот“ со кој управувал излетал од патот и се превртел. Сè се случувало доцна вечерта во вторникот.

Го пронајдоа следниот ден напладне. Новинарите не можеа и не сакаа да поверуваат во вистинитоста на веста која требаше да ја пренесат. Не сакаа да поверуваат ниту голем дел од читателите. Новинарското перо замина прерано, само што наполни 49. Истрагата за несреќата е сè уште во тек. Се шпекулира дека возел со 150 километри на час, дека три часа се возел по истата делница. Но, официјалните причини сè уште се непознати.
Ова се само дел од познатите Македонци што загинале во сообраќајни несреќи. Најчесто причините се неприспособена брзина, лизгав коловоз…
Во 2012 година 132 жртви од сообраќајки
На патиштата во земјава во 2012 година загинале 132 лица, а 6.149 се повредени во сообраќајни несреќи. Според статистиката на МВР, минатата година се случиле 4.111 несреќи со потешки последици, односно со загинати, повредени и со голема материјална штета. Споредено со 2011 година, кога се случиле 4.463 сообраќајни несреќи, има намалување на бројот на сообраќајни несреќи за 7,9 проценти. Во 2011 година загинале 172 лица, а се повредени 6.853. Најмногу сообраќајни несреќи се случиле во Скопје, 1.756 во 2012 година и 2.082 година претходно. Во 2012 година се случиле 2.116 сообраќајки во меѓусебни судири, 960 судири меѓу возило и пешак, а 523 возила излетале од пат. Интересен е податокот дека возачите се повнимателни во зимски услови. Во летните месеци се случуваат поголем број сообраќајни несреќи. Според Борче Пешевски, одговорен за односи со јавноста во МВР, најголем број сообраќајки се случиле во јули – 462, во јуни 461, а во август 426. Најголем број од несреќите, 863, се случиле поради неприспособена брзина, а 138 се случиле поради управување со возило под дејство на алкохол. Бројките покажуваат дека изминатите десет години се регистрирани околу 36.000 сообраќајни несреќи со загинати или повредени лица.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


