Сликовницата претставува прва средба на децата со книжевност и е убава можност за развивање љубов кон неа и има потенцијал со неоспорна важност за раното детство, но, исто така и е нужност во нивната подготовка за периодот што следува. За детето сликовницата претставува прозорец кон светот и од тоа каква ќе биде средбата со неа уште во најраната возраст, ќе зависи подоцнежниот однос на детето кон книгата, во периодот на школување, но и подоцна во животот.
За користа од сликовницата може да се зборува од повеќе аспекти; таа им овозможува на родителите поминување квалитетно време со своето дете. Физичкото присуство на родителот, заедничкото внимание, поттикнатиот дијалог, сето тоа во време на електронска комуникација и развиена технологија, е со неоспорна важност за развој на комуникациските вештини кај детето, кои за жал, според најновите истражувања во логопедијата, многу често се нарушени. Преку разговор за илустрациите во сликовницата, родителот може да научи за своето дете многу работи, како за неговите интереси, знаења, така и за потребите од нови знаења. Читајќи му на своето дете, родителот претставува говорен модел и поттик за правилен говорен и јазичен развој на детето. Именувањето на предметите и појавите на сликовницата, на детето му нуди можност за збогатување на речничкиот фонд, развој на вербалната меморија и општ психомоторен развој.
Визуелната перцепција на боите од сликовницата, заедно со пеење стихови, плескање со рацете, учење нови поими, забележување сличности и разлики на илустрациите со што се постигнува развој на логичкото мислење, претставува активација на двете мозочни хемисфери кај детето, со што учењето станува многу полесно, бидејќи секое учење е полесно ако се активни двете мозочни хемисфери. Боите, убавите илустрации, нежниот глас на родителот и на воспитувачот кој се грижи за детето, дружењето, поттикнуваат кај детето радост и насмевки, со што и генерално се подобрува квалитетот на животот на детето, бидејќи колку што е некој посреќен и понасмеан, може да се каже дека има и поквалитетен емоционален живот.
Од важноста за улогата на сликовницата во детскиот период и од желбата за што повеќе сликовници, на сите јазици што се зборуваат во Македонија, се дојде до идејата за проектот ,,За сите деца“, во кој учествуваат повеќе стручни лица што работат со деца: логопеди, писатели, педагози, социјални работници, професори. Проектот е потпомогнат од страна на Издавачката куќа „ЕДУКА МАК“ и Општина Прилеп. Во рамките на проектот досега беше посетена Јавната установа за деца – Центарот за ран детски развој во Општина Центар Жупа, за вршење на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, првa од ваков вид во Република Македонија, во просториите на основното училиште ,,Мустафа Кемал Ататурк”; потоа Основното училиште во с. Канатларци – Прилепско и библиотеката во Битола, во која беа поканети децата од неколку детски градинки. При овие посети, децата како подарок ја добија сликовницата „Ѕвони ѕвоно за бонтон“ на турски јазик, како и илустрираното списание за деца „Смешко“, на македонски јазик.
Во наредниот период во рамките на проектот ќе бидат посетени повеќе населени места со турско население, како прва фаза од проектот, по која се планира превод и печатење сликовници и на другите јазици на етничките заедници што живеат во Македонија.
Порака за сите мајки и татковци: ,,Бидете со вашите деца колку што можете повеќе, читајте им сликовници и весели стихови, затоа што ниту една видеоигра не може да го постигне за детето тоа што можете вие, читајќи му на вашето дете и дружејќи се со него.“
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст