Неодамна починатиот патријарх на бугарската православна црква, Максим ја известувал државната комунистичка безбедносна служба на Народна Република Бугарија за случувањата во македонското население во неговата епархија.

Во документот што го објавија бугарските новинари, поимот „македонско население“ не е ставен во наводници, ниту, има т.н. македонско население, односно се користи исто како и терминот „турско население“, кој, да потсетиме, во Бугарија е признаено како етничко малцинство.

Оваа „грешка“ во Бугарија, кој директно се негира со бугарската вековна и жестока пропаганда дека Македонците се Бугари, досега никој не ја забележал. Нашите колеги од бугарската национална телевизија се концентрирале на скандалот според кој Максим (со овоземско име Марин Минков) бил кодош, наспроти тврдењето на Комисијата за разоткривање на досиејата на тајната полиција и воената разунавачката служба (бугарската комисија за лустрација), според кои отецот не бил кодош.
Ова е ексклузивната вест на Горан Благоев, водителот на емисијата „Вера и општество“. Тој, пак, не забележал еден интересен детаљ, а кој го забележале уредниците на порталот „Сензација“, кои во документите ги читаат и податоците според кои Максим бил и агент на рускиот КГБ.
Но, ни првите ни вторите не забележале дека во документите стои и „македонско население“ за чиешто шпионирање бил задолжен Максим, т.е. Марин Минков уште во 1959 година. Во документите не е читливо за која епархија се работи, но е јасно читлив текст „македонско население“ (напишан рачно) на началникот на третата управа на Државната безбедност, полковникот Г. Крстев.
Кодошите на Македонците во врвот на бугарската политика
Лустрацијата во Бугарија, за разлика од кај нас, нема никакви последици по лустрираните, но открива многу интересни информации за поновата бугарската историографија. Досието на Максим е само последното од низата отворени досиеја, кои сведочат за ендемската параноја на бугарското општество од Македонците. Колку за потсетување, кај источниот сосед беше лустриран и поранешниот претседател Георги Прванов, (Бугарин од „македонски произход“), инаку историчар по професија, кој, исто така, ги кодоешел Македонците во Бугарија и редовно ја известувал тајната полиција за работата на македонските историчари. На контроверзниот и, со крајно дискутабилни научни потенцијали, министер Божидар Димитров, доволно му било да плука по Македонија за да стигне до таа функција во владата на Бојко Борисов. И тој е лустриран, како соработник по „македонскиот впрос“ уште од 1973 година. За соработник на тајните служби се смета уште еден Бугарин од „македонскиот произход“, поранешниот премиер Сергеј Станишев. Красимир Каракачанов (инаку од влашка националност), лидерот на ВМРО-БНД, задолжен за инциденти, исто така е кодош по македонското прашање и ја води една од најбогатите политички партии во Бугарија.

Со последното лустрациско откровение (иако ова не го прави државната комисија) на Максим, само се потврдува старата бугарска параноја од која најуспешните викачи по Македонија, особено ако и самите се Македонци по потекло, речиси се резервирани сите привилегии и највисоки функции во државата.
Посебноста на досието на двојниот кодош Марин Минков, во однос на тоа, на пример, на Прванов, е што тогашните безбедносни органи на НР Бугарија (во 1959 година), Македонците ги водат како посебен етнос. Во досието на Прванов постојано се пишува за т.н. македонски впрос или за „македонски впрос“ (македонско прашање).
Особено голема тежина на досието на Максим му дава фактот што тој бил поставен на таа функција по силно залагање на бугарскиот комунистички диктатор Тодор Живков, некогашниот заштитник на сегашниот бугарски премиер Бојко Борисов. Според, порталот „Сензација“, Живков во осумдесеттите години на минатиот век ѝ забранил на црквата да ги држи велигденските пости, што Максим беспоговорно го примил. Подоцна во деведесеттите години на минатиот век е доведена во прашање легитимноста на владеењето на Максим, кога двајца митрополити Пимен и Инокентиј формираат паралелен синод на Бугарската православна црква. Причина за расколот е токму документот од 8 март 1971 година во кој Политбирото на Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија го наведува решението да се поддржи Максим за нов патријарх на црквата.
Бројот на Македонците ја плаши Бугарија
Вековен проблем на источниот сосед е македонското население, токму како што пишува во службените извештаи на полковникот Крстев. Уште од 19 век, кога кнежеството Бугарија од големите сили добива автономија во рамките на Отоманската Империја. Голем број Македонци тогаш избегале во Бугарија за да се спасат од турските власти. Бугарските власти со цел да го претопат македонското население во бугарско, им ги овозможувале сите можни привилегии. За дури четворица бугарски премиери и за двајца претседатели се знае дека имаат македонско потекло.
Колку Македонци има во Бугарија
На првиот попис во пиринскиот дел на Македонија, во 1920 година, според бугарската статистика, имало 155.570 жители, а ниеден од нив не се изјаснил како Македонец. Во првиот попис по Втората светска војна, т.е. во 1946 година, кога со Бугарија владеел еден Македонец, Георги Димитров, како Македонци се изјасниле 160.000 луѓе или 70 проценти од вкупно 253.000 жители на Пиринска Македонија.
Слична ситуација е и со пописот во 1956 година (непосредно пред отворањето на досието на кодошот Марин Минков). Од вкупно 281.000 жители на Пиринска Македонија, како Македонци се изјаснуваат 178.000 или 63 проценти од населението. Токму тоа е тоа македонско население што го пишува во досието на патријархот Максим, а за чиешто шпионирање бил задолжен.
Денешната бугарска држава не ги признава овие пописи со објаснување дека биле правени под присила, со сталинистички репресивни мерки.
Од следниот попис во 1965 година, па до сите други денес, бројот на Македонците што се изјасниле како такви е многу мал.
Пишува: Александар Божиновски
(текстот е објавен во неделникот Република во бројот од 30 ноември 2012 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


