Не сум свесен што ме снајде, не очекував толкав број градски советници, возбудено за српските медиуми зборува Лука Максимовиќ (24), односно Љубиша Бели Прелетановиќ, кој заедно со другарите од маалото освои 20 отсто од гласовите на локалните избори во Младеновац во Србија.
Победувајќи ги ДС, СПС, СРС, СДС… изборната листа “Бели – Само јако – Лука Максимовиќ” на локалните избори во неделата во Младеновац освои 20 отсто од гласовите со што заврши како втора најсилна партија со 13 мандати!
Претседателот на партијата која е осмислена како пародија на политичкиот систем, ветува дека ќе се бори против измамите.
-Ќе бидеме силна опозиција. Веројатно ќе одлучуваме која улица ќе се асфалтира, а која нема. Како што знаете, многу од улиците се асфалтирани само затоа што некоја важна личност живее таму. Ќе се обидеме да го разбудиме духот на граѓаните, раскажува Бели.
Тој, како што вели, е спој од сите политичари, а веќе од утре почнува со сериозни реформи.
-Позицијата на која е мојата партија е одлична оти јас не бев подготвен да победам. Млад сум и не очекував дека ќе освоите ни 10 градски советници. Мило ми е што сограѓаните ме поддржаа. Пораснав во Младеновац, а речиси сите од градот ме знаат цел живот. Затоа и ме поддржаа, вели Бели, кој иако има поддршка од сите страни се уште не планира да се вклучи во “големата” политика на државно ниво.
-Тоа би било премногу за мене, оти никогаш не сум се занимавал со политика. Но, никогаш не се знае, вели мистериозно Бели.
Тој додава дека најголема поддршка имал од родителите.
-Многу се гордеат со мене. Не можете да верувате какво чувство е ова. Ми даваат и поддршка и совети. Верувам дека тие ќе ми бидат најголемата потпора, раскажува Бели и додава дека успехот го славеле до утрото и тоа со огномет.
Но, тоа не е се. Бели, однсоно Лука, планира да продолжи да снима клипови за политичката сцена чијшто дел сега стана и самиот.
-Ние сме уметници. Се занимаваме со музика и снимаме клипови. Иако отсега тргнуваме сериозно да гледаме на довербата што ни беше укажана, Бели никогаш нема да исчезне. Секогаш ќе живее оти тој е симбол, вели младиот и тазе политичар од Младеновац.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.