| четврток, 6 декември 2018 |

Веројатно последниот погреб на поетот: Пабло Неруда погребан по четврти пат

Телото на чилеанскиот поет Пабло Неруда, кој во 1971 година ја доби Нобеловата награда за литература, а следната година и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, во вторникот беше погребано во Чиле, по четврти и најверојатно последен пат

neruda

Погребот се одржа во местото Исла Негра, три години откако останките на еден од најпознатите латинонамерикански поети беа ексхумирани за да се утврди причината за неговата смрт.

Се претпоставува дека Пабло Неруда, еден од најголемите светски поети на љубовна поезија кој исто така беше познат по своите цврсти комунистички ставови, починал од рак на простатата, само неколку дена по воениот удар од 11 септември 1973 година, кога од власт беше соборен чилеанскиот социјалистички претседател Салвадор Аљенде и воспоставена бруталната диктатура на генералот Аугусто Пиноче. Според некои процени, во текот на 17-те години од диктатурата биле убиени околу три илјади луѓе.

chilean-poet-pablo-neruda-reburied-after-tests-for-poison-136405554467310401-160426210010

Неруда, како комунист бил пријател на Аљенде, а по државниот удар имал намера да замине во егзил во Мексико. Како официјална причина за смртта е наведена рак на простатата, но неговиот здравствен картон исчезнал, а постоеја сомневања дека бил жртва на режимот на Пиноче. Теоријата дека Неруда бил отруен неколку дена пред планираното заминување во Мексико најмногу ја заговара неговиот личен возач и секретар Мануел Араја.

Поранешниот личен возач на поетот изјавува со години дека агентите на Пиноче ја искористиле болеста на Неруда за со инјекција да му инјектираат во организмот отров додека лежел во болницата во главниот град Сантјаго.

casa-museo-de-pablo-neruda

Посмртните останки на Пабло Неруда беа ексхумирани во април 2013 година и беа анализирани и од меѓународни и од локалните експерти. Истражувањата спроведени на примероци од ткивото во лабораториите во Чиле, САД и Шпанија за тоа не пронашле докази, но уште се чекаат резултатите од некои ДНК анализи кои би требало да бидат завршени во мај.

Неруда прво бил погребан во чилеанската престолнина Сантјаго, но телото потоа му било пренесено во друг гроб. Во 1992 година повторно неговите останки беа преместени во гробницата во Исла Негра, крајбрежен град околу 110 километри од Сантјаго. Таму беше погребан во градината од неговата куќа, покрај сопругата Матилда Урутија. На истото место повторно беше погребан во вторникот, и најверојатно конечно ќе биде оставен да почива во мир.

Пабло Неруда, чие вистинско име е Рикардо Елиезер Нефтали Рејес Басоалто, беше поет, дипломат и важен политички активист во текот на турбулентниот период во Чиле. Вкупно објави 19 збирки поезија, а најпознат е по збирката песни „Дваесет љубовни песни и една на очајот“, објавена во 1924 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top