| четврток, 6 декември 2018 |

Гувернерот смирува: Не купувајте евра попусто, денарот е стабилен!

dimitar-bogov-2

Денарот е стабилен и ќе остане стабилен, нема никаков простор за загриженост на граѓаните и бизнисот. Нема апсолутно никаква можност да се наруши макроекономската стабилност, да се наруши стабилноста на курсот на денарот, вели за ТВ Нова гувернерот на НБРМ Димитар Богов.

-Уште првиот ден кога дојдов на оваа позиција, јасно кажав дека политиката на стабилен курс на денарот ќе биде она што ќе го спроведуваме и го спроведуваме во континуитет. Имало шпекулации во минатото, има и сега. Секогаш, тие шпекулации се покажале како неосновани. Ги повикувам граѓаните воопшто да не веруваат на таквите шпекулации. Она што го забележавме сега, за разлика од некои други вакви епизоди, на пример во текот на минатата година, а имаше и во 2009-та година,и во 2001-та година, сега овие шпекулации се посилни и се оркестрирани, изјави Богов.

Според него, Народната Банка има доволно моќни инструменти со кои што може, во секое време да го одбрани курсот на денарот, доколку тој е предмет на напад, но ситуацијата е таква што е доста поволна за курсот.

-Ние во последните пет години, имаме исклучително низок дефицит во платниот биланс, а тоа е основниот индикатор којшто покажува дали на земјата ѝ недостасуваат девизни средства. Значи, дефицитот е помалку од 2 проценти од бруто-домашниот производ што Македонија никогаш го немала во минатото. Просекот за Македонија отсекогаш бил 5-6 проценти. Имајќи го тоа предвид, оваа година, дури во првите два месеца, токму денес ги објавуваме податоците, првите два месеца имаме вишок во тековната сметка на платниот биланс. Значи, девизниот пазар нема, ама никаква причина да биде нарушен, вели Богов.

Според него, шпекулациите имаат за цел кај граѓаните да предизвикаат паника, и тие да бараат повеќе девизи и да има зголемена побарувачка за девизи во менувачниците.

-Менувачниците како менувачници си гледаат шанса во тоа и некогаш го подигаат курсот, некогаш не им продаваат доволно, но банките во секој момент можат да им понудат девизи на граѓаните и секој кој што има некоја дилема нека оди во некоја банка и ќе купи без никакво ограничување. Девизи има, но тие што ќе ги разрочуваат сега депозитите, ќе купуваат девизи, ќе изгубат, како што изгубија и минатата година, како што изгубија во 2009-та година. Апелирам дека нема простор за загриженост, курсот е целосно под контрола, денарот останува стабилен, банките остануваат сигурни, дури и најсигурно место за штедење, изјави Богов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top