| четврток, 6 декември 2018 |

Турски театар: Сите обвинувања од страна на таканаречениот Синдикат се неаргументирани!

Во врска со денешниот протест на Синдикатот на вработените во културата, Националната установа Турски театар  сака да ја информира јавноста за неколку важни аспекти, како аргументација со   која, убедени сме, на  јавноста  во земјава ќе и овозможи реален увид во состојбите со работењето на нашата институција, кои за жал не кореспондираат со ставовите изнесени од страна на таканаречениот  Синдикат на културата на Република Македонија.

НУ Турски театар смета дека  во насока на унапредување на културата, секогаш треба и може да се направи подобро и повеќе, но во оваа прилика сакаме да потсетиме на неколку клучни аспекти кои придонесоа за збогатување на креативниот театарски израз на овој ансамбл, за што ја имаме целосната поддршка на Министерството за култура.

Во тој контекст сакаме да потенцираме дека со поддршка на Министерството за култура, во тек е изградбата на новиот објект  на Турски театар кој сите вработени со нетрпение го очекуваат.  Со тоа оваа национална установа за прв пат во својата  повеќедецениска историја ќе добие свој објект, изграден по најсовремени технички и архитектонски  стандарди и  ќе претставува остварување на сонот на бројни генерации актери, доајени на турската драма кои ќе продуцираат претстави на својот мајчин јазик. Во текот на сите овие изминати години, ансамблот со голем успех реализираше 48 премиерни изведби, реализираше успешни гостувања во голем број земји и активно учествуваше на редица реномирани  театарски фестивали во земјава, Република Турција и во Европа. За сите овие активности ансамблот на Турскиот театар е многупати  наградуван со високи општествени признанија за достигнувања во уметноста.

Она што е особено значајно за функционирањето на ансамблот е и фактот што  НУ Турски театар  во последните години бележи сериозно  подобрување на креативните капацитети. Скромниот број  од само 19 вработени во 2006 година, денес изнесува  31 редовно вработен уметник и административно-технички кадар. Овој тренд секако го следи и покачувањето на платите на вработените кои за разлика од 2006 година од скромни 15.000 денари па досега се покачени за  повеќе од 60 проценти.

Делата се најсилен аргумент и потврда за сето она за што Министерството за култура низ годините дава голем придонес во развојот на театарската дејност во Република Македонија и во развојот на културата воопшто. Токму затоа сметаме дека сите обвинувања од страна на таканаречениот Синдикат се неаргументирани и се во насока на девалвирање на сето она што се реализираше и се реализира во  делот на културата, се вели во реакцијата на Турски театар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top