Музичарите од Македонската филхармонија по седум децении музицирање во импровизирани услови конечно ќе добијат нова концертна сала и професионални услови за работа како што заслужуваат. Зградата на Македонската филхармонијата е во завршна фаза и се очекува да биде готова до јануари в година.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, која денеска заедно со музичарите ја посети новата зграда, истакна дека во изминатиот период вложувањата во културата се евидентни.
-Во изминатиов период имавме голем број на вработувања во Македонската филхармонија и во МОБ, има и прекрасен плоштад наменет за многу концерти под отворено небо, се зголемија платите над 80 проценти на музичарите што е една добра насока кога станува збор за вложување во областа на уметноста и културата. Ние ќе продолжиме во таа насока и се надевам дека и самите уметници и музичари се задоволни од сето она што можат денеска да го видат во рамки на ова нова концертна сала – истакна Канческа – Милевска.
Министерката посочи дека новиот објектот и архитектонски и надворешно е уникатен со специфична конструкција на покривот како што досега не е изграден во Р. Македонија.
-Самиот објект плени и надворешно и внатрешно. Сите програмски цели и барања на вработените во Македонската филхармонија се испочитувани. Објектот е на неколку нивоа. Концертната сала на Македонската филхармонија ќе биде објект со најголем капацитет од салите кои што ги имаат нашите институции. Големата сала има бројност на седишта 1049, а малата сала има 306 седишта – рече Канческа – Милевска.
Директорката на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ истакна дека со новата сала музичарите повеќе нема да се соочуваат со проблеми како што било случај досега и ќе можат да се занимаваат единствено само со музика.
-Ние сите навистина сме пресреќни што гледаме дека многу скоро ќе се преселиме во нашиот нов дом, за неполна една година после 70 години конечно ќе имаме можност да работиме во соодветни услови, да свириме во концертна сала која што е изградена по сите светски стандарди, на највисоко ниво со најдобар квалитет.
Таа посочи дека условите за работа во дом на АРМ не биле баш најдобри, а и немало добра акустика.
-Ќе имаме една слобода, навистина да се посветиме на она што значи создавање музика и исклучиво само на тоа . Оркестарот наш е зголемен, веќе од 2007 година навака се вработени многу млади , одлични музичари , квалитетот е на повисоко ниво. Верувам дека сето тоа публиката ќе може да го доживее во полн сјај кога ќе се преселиме во новата концертна сала каде што ќе имаме фантастична акустика – вели Чанаќевиќ.
Борјан Цанев, диригент во Македонската филхармонија истакна дека новиот објект им е најголемиот подарок во седум децениското постоење на Македонската филхармонија.
-Во овој објект ние навистина ќе ги имаме сите услови за работа, а нашата работа ќе се покаже отпосле, рече Цанев.
Виолинистката Ана Кондратенко истакна дека сите музичари видно се возбудени и со задоволство ги гледаат салите во кои наскоро ќе се вселат.
-Во овие турбулентни времиња, нешто вакво убаво ни даде надеж дека во скоро време ќе влеземе и ќе уживаме вистински во нашата уметност, а ќе ужива и нашата публика – рече Кондратенко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Авангардни патишта“ – концерт на Дејв Вилсон и Ричард Валитуто
-
Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија
-
Овој четврток: Врвниот тромбонист Џозеф Алези со Македонската филхармонија на симфонискиот концерт „Руска игра“
-
Бетовеновата „Деветта“ утре во Македонска филхармонија под диригентската палка на Густав Кун