| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на македонската култура во Брисел

Со изложбата „Традиционални костими и накит од Македонија“ на Музејот на Македонија вечерва во 18 часот во Фламанското министерство за надворешни работи во Брисел свечено ќе биде отворена манифестацијата „Денови на македонската култура“, која е во организација на Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија во Белгија.

02_Grad_na_kulturata_-_320

Изложбата ќе ја отворат министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Фландрија, Коен Верлект. Пред белгиската јавност ќе бидат презентирани 12 комплети традиционални народни носии и накит од различни краеви на земјава. Носиите и накитот, кои потекнуваат од крајот на 19 и почетокот на 20 век, ги отсликуваат високите културни вредности и посебностите на етнокултурниот развиток на Република Македонија.

Во рамките на манифестацијата, која ќе трае до 27 април, на белгиската културна јавност ќе ѝ бидат презентирани македонските културни вредности како спој на традиционалното и современото, македонската фолклорна традиција и актуелната филмска уметност.

На 26 април во Центарот за култура во општината Етеберг, духовното богатство на македонската фолклорна ризница во духот на женското пеење ќе го презентира музичкиот етносостав „Синтезис“.

Деновите на македонската култура во Брисел ќе завршат со претставувањето на македонската филмска продукција преку играниот филм „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски, кој се закити со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал, а беше номиниран и за наградата на Американската филмска академија за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, како и филмот „Илузија“ кој е прогласен за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал „Аnchorage“ во 2005 година.

За време на престојот во Брисел, министерката Канческа-Милевска ќе оствари билатерална средба со министерката за култура на Фландрија, Жок Шувлиеж.  На средбата двете министерки ќе разговараат за интензивирање на соработката во областа на културата меѓу двете земји. Канческа-Милевска ќе оствари билатерални средби и со генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Фландрија, со градоначалникот на Брисел и со генералниот администратор на „Валонија Брисел интернационал“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top