| четврток, 6 декември 2018 |

Почна Пролетниот базар во рамки на Деновите на занаетчиството 2013

Во Старата скопска чаршија, пред просториите на Занаетчиската комора Скопје, днеска беше отворена традиционалната манифестација „Денови на занаетчиство 2013 година“.

На отворањето на манифесатцијата се обратија Никола Петров претседател на ЗКС, директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Тајфун Калкан кој говореше за соработката со Занаетчиската комора, а базарот за отворен го прогласи, раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Слободан Ќосев.

– Занаетчиството заземало значајно место во стопанскиот живот на Скопје и вршело силно влијание врз изгледот на Старата скопска чаршија. Факт е дека денес малите и средни претпријатија и занаетчиството се движечка сила на секоја пазарна економија, бидејќи генерираат вработеност и економски раст. Занаетчиството е гранка, која нуди перспектива за вработување на младите невработени лица и преку проекти поддржани за почнување мали бизниси, рече Ќосев.

sk2

На Пролетниот базар на домашни ракотворби и оваа година ќе бидат практично презентирани сите занаети од најстари до најсовремени, како и нивното значење за квалитетот на живеење на граѓаните и што би претставувало човештвото без занаетчиството.

Во рамки на Денови на занаетчиството ќе се презентираат и средните стручни училишта од Скопје кои ќе ги претстават струките за кои образуваат ученици со нивна практична презентација, со цел, подигнување на имиџот на средното стручно образование и потикнување на младите да ги изучуваат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и вработување.

Пролетниот базар ќе трае до 26 април, до кога сите заинтересирани ќе можат да ги посетат дрвените куќарки поставени пред Домот на занаетчии во Старата скопска чаршија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top