Иако за разлика од Австрија многу мал процент од луѓето во Македонија имаат животно осигурување, кај граѓаните сѐ повеќе се развива свеста за важноста што ја има овој производ за посигурна финансиска иднина на семејството. Пазарот за животно осигурување во Македонија расте со 23 проценти по премија на годишно ниво, а освен тоа може да се забележи и појавата на сè повеќе нови финансиски услуги од страна на финансиските институции што јасно укажува на се поголемото значење и улогата која финансиите ја имаат во животот на луѓето.
Токму за ова, како и за разликите помеѓу Македонија и Австрија во поглед на развојот на овие финансиски услуги, разговаравме со господинот Бернд Ахац, член на управниот одбор на Винер лајф (Winner Life) компанијата за животно осигурување во Македонија, која е дел од меѓународната групација ВИГ (Vienna Insurance Group), чијшто доминантен сопственик е австриската Винер штадсе (Wiener Städtische).
-Од досегашното искуство можам да кажам дека потрошувачите во Македонија вообичаено ги бараа производите за животно осигурување кои имаат значителна компонента на штедење, но од неодамна се повеќе расте побарувачката за заштита од ризици – вели Ахац.
Во Австрија пак спротивно постои тренд кон осигурување од ризици со цел да му се даде финансиска сигурност на семејството. Ова според Ахац е суштината на бизнисот со животно осигурување, заштитата од ризици а не штедната компонента. Тој цврсто верува дека и кај Македонците ќе се зголеми интересот за осигурување од ризици, како што луѓето полека ги сфаќаат придобивките од животното осигурување за полесно планирање на иднината.
-Во минатото, понекогаш им беше тешко на луѓето со коишто зборувавме да го прифатат фактот дека иднината е неизвесна за сите нас и дека освен со убави нешта, животот понекогаш знае да не изненади и со многу непријатни работи. Фактот што се одлучуваме за животно осигурување не значи дека на тој начин ги провоцираме лошите работи да се случат. Чувствувам дека денес луѓето се поотворени да разгледаат одредени аспекти од нивниот личен живот, вклучувајќи ја и смртта, особено ако имаат семејство. Во случај на немил настан, нашите клиенти сакаат нивните најблиски да бидат финансиски сигурни и ова е ситуација во која само животното осигурување може да им помогне- вели Ахац.
За разлика од Македонија, каде животното осигурување е релативно нов производ, во Австрија тоа е стандарден производ и неизбежен дел од финансиската индустрија. Прогнозата на Австриската асоцијација за осигурување за 2016 година вели дека од сите класи на осигурување во вредност од 17,5 милијарди евра, животното осигурување учествува со 6,6 милијарди евра или 38 отсто од сите класи на осигурување.
Развиеноста на пазарот за финансиски и осигурителни услуги во Австрија се гледа и преку праксата банките да креираат пакет услуги за своите клиенти кои покрај банкарски производи вклучуваат и животно осигурување.
-Овие услуги во Австрија имаат историја од повеќе од 25 години и се заслужни за 50 проценти од новите бизниси, односно со други зборови секоја втора полиса за животно осигурување се склучува преку банките како точки за продажба.Ова се должи на долгогодишната и стабилна врска која банките ја имаат со своите клиенти и можат да им понудат нешто што ќе им одговара на нивните потреби. Често, пакетите на банкарски производи и животно осигурување кои ги нудат банките им даваат различни предности на клиентите. Речиси во сите случаи, клиентот од поедноставената процедура добива повеќе услуги на едно исто место – вели Ахац.
Токму од тие причини Winner Life влезе во цврста соработка со Шпаркасе банка, која што им овозможува на двете компании да понудат широка палета на производи и финансиски услуги на нивните клиенти и нивните семејства, достапни на едно место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.