Во текот на неформалната предизборна кампања во Австралија, премиерот Малколм Турнбул се сретнал со претставници на македонската заедница, при што рекол дека ќе го разгледа нивното барање за признавање на Македонија под уставното име.
Средбата во градот Перт била организирана со помош на пратеникот Лук Симпкинс, долготраен поддржувач на македонската заедница во Австралија. Гоце Силјановски и Ангела Велевска од македонскиот клуб Вардар имале можност да го прашаат премиерот дали планира да ја смени долготрајната политика на австралиската Влада да ја користи времената референца место македонското уставно име. Премиерот, кој во разговорот го користел зборот Македонија, рекол дека не се консултирал со министерката за надворешни работи Џулија Бишоп околу ова прашање, но се обврзал во иднина да го разгледа.
- Ги примам вашите забелешки околу прашањето. Ова е прашање по кое има поделени мислења. Но, нашите односи со Македонија се одлични и македонската заедница игра многу значајна улога во Австралија – изјави премиерот Турнбул, притоа додавајќи дека ваквите видови историски спорови и прашања се и една од причините поради кои многу луѓе решиле да дојдат во Австралија.
Во март 2015 година, министерката Бишоп, на прашање на претставници на македонската заедница во Австралија, информираше дека Владата планира да продолжи да ја користи референцата како привремена мерка, во очекување на решение на спорот меѓу Македонија и Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.