Гркинката Панајота Василиаду им помага на бегалците од Сирија и Ирак во нејзиниот дом во Идомени. Оваа 82-годишна старица на бегалците им нуди преноќиште, храна и туширање и покрај скромните приходи, пишува Ал Џазира Балканс.
Бегалците секојдневно доаѓаат во куќата чијашто сопственичка ја нарекуваат “мајка”. Панајота во Идомени е позната како “баба на бегалците”.
Бера со трите деца побегнал од војната во Ирак. Од Турција преку море стасал до Грција. Патот до грчко-македонската граница бил тежок.
Кога дојдовме ни посака искрено добредојде. Ги бакна децата и, кога слушна дека мајка им умре, рече дека можат кога сакаат да дојдат и да се истушираат, вели тој.
Панајота добро знае што значи да се биде без дом. Во Втората светска војна и била урната куќата.
Имав седум години кога куќата ни беше запалена. Се загубивме. Немавме ни садови ни храна ни облека. Имавме само пижами кои постојано ги носевме. Бевме пет деца… Ништо немавме, вели Панајота.
На почетокот на бегалците кои минувале им делела храна и облека. Потоа вдомила петмина бегалци од Ирак и Сирија кои сега живеат кај неа. Заедно ручаат.
Пред да ги угости, тие поминале цел месец под отворено небо. Некои други доаѓаат само накусо, на еден оброк или да се истушираат.
Нејзината пензија е 450 евра, но вели дека сега и децата и помагаат.
Мојот живот се промени откако се тие тука. Не сум сама. Имам друштво. Се обидуваме да разговараме… Се смееме иако не се разбираме едни со други, вели старицата.
Панајота вели дека бегалците ги смета како дел од семејството и дека ќе продолжи да им помага, но дека нејзината куќа е привремено сместување. Таа повикува да се изнајде долгорочно решение за илјадниците други бегалци во Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.