Колку слободни работни места има во моментов и како ги црпете информациите за нив?
Поповски: Информациите за слободни работни места доаѓаат од работодавците, односно од формуларите пополнети од нивна страна кога побаруваат работници, преточени во оглас, кој, во согласност со законот, секоја работодавец е обврзан да го објави прво на нашиот веб-портал, и го има во нашата база на податоци. Во моментов има 8.533 слободни работни места.
Многу е збунувачки, има толку многу слободни работни места, а, од друга страна, и толку невработени, каде е тука конфиликтот?
Поповски: Противречноста доаѓа од недовербата на невработените кон објавените огласи бидејќи некои од работодавците воопшто не одговараат на апликациите на невработените, па се создава недоверба на невработените за тие огласи каде што, реално, има побарувачка на работна сила. Присутен е и факторот на неисполнување на критериумите за тие работни места, или, пак, незадоволство од понудениот низок личен доход. Сепак, од друга страна, има и многу пополнувања на работни места така што флуктуација на работната сила е голема, па едно лице може да биде до три пати пријавено за работно место во еден месец. Најчесто станува збор за побарување лица од работодавците за извршување активности од два-три часа, во зависност од потребата на крајниот корисник што ги ангажира агенциите за посредување. И тоа е добро, бидејќи лицата што, практично, до вчера работеа за дневница и нема никакво осигурување, сега може да бидат осигурени за пензиско и за здравствено.
Која од мерките за вработување најмногу придонесе за пад на невработеноста?
Поповски: Има поголем сет мерки што придонесоа за пад на невработеноста. Една од мерките, која се покажа како најефективна, е самовработувањето со грант, од 2007 година се доделени 7.865 грантови. Некаде со 2013 година имаме повеќе од 70 отсто успешност на бизнисот, ама има 85 отсто вработливост, односно тие што ги затвориле фирмите се вработиле на трето место, што е друг добар феномен. Кај самовработувањата имаме големо зголемување и на дополнителните вработувања, па така ако почнале како фирма со едно лице, сега се фирми што имаат вработено 10 лица, 15 лица или повеќе од 30 вработени, што е одлично, а во зависност од тоа како се развивала фирмата, веќе зборуваме за фирми од посериозен формат, кои добро работат. По оваа мерка, како следна што најмногу апсорбираше невработени се обуките за дефицитарни кадри на пазарот. Тоа е тримесечна обука кај познат работодавец. Овие обуки ги поминале повеќе од 7.000 лица, а 3.800 останале во фирмите во кои биле вршени обуките. Добра се покажа и мерката за самовработување со кредитирање, која ја искористиле 5.000 лица. Следуваат мерките за практикантство, како прво работно искуство, обуките за напредни ИТ вештини. Тоа се многу мерки што придонесоа за намалување на невработеноста. Освен ваквите мерки во Агенцијата, невработените имаат можност да го обликуваат своето однесување за време на интервјуата за работа, се учат како да напишат биографија, како да ги препознаат своите работни потенцијали за да дојдат до работно место на кое ќе бидат среќни и исполнети. Да го осознаат својот професионален талент. Има уште многу работи што ги работиме во центрите за вработување, кои дополнително придонесуваат за зголемување на вработеноста. Некогаш и самата информација дека има слободно работно место доведува до вработување. Подигнувањето на свеста дека има можности, има начин, има постапка, и воедно има одговорност од страна на работодавците и на АВРМ е главниот приоритет на Агенцијата.
Колку странските инвестиции придонесоа за намалување на невработеноста?
Поповски: Ние имаме два вида соработки со странските инвеститори. Првата е кога ние директно им обезбедуваме работна сила, преку правење на првичните интервјуа за работа, а втората соработка е кога ние известуваме за огласот на странскиот инвеститор. Со странските инвеститори се смени културата на барање работа. Имено, на секое барање, на секоја апликација за оглас е одговорено, даден е конкретен одговор, има задоволство од интеракцијата и кај инвеститорите и кај лицата што бараат работа. Исто така, не се оставаат луѓето во неизвесност подолго од три месеци, по пробниот период, дали се вработени или не. Од друга страна, самите работни места што ги отворија странските инвеститори создаваат друг диверзитет. Тоа е квалитетот на работните места, условите за работа, но и понудената плата. Некои компании немаат висока плата, но нудат идеални услови за работа, кои создаваат голема конкуренција кај другите работодавци. На пример Штип, платата во текстилната индустрија пред седум години и платата во текстилната индустрија денеска се помести благодарение на една мала инвестиција на „Џонсон контролс“, која денеска вработува 1.700 лица. Оваа компанија не даде многу висока плата, но даде почетна висока плата и понуди квалитетни услови за работа, каде што секоја минута прекувремено е платена, секој празник и викенд се соодветно платени. Сето тоа предизвика корпуленција, која квалитетниот работник го носи напред. Тоа автоматски повлече и другите работодавци во Штип да ги дигаат платите и да ги подобруваат условите за работа. Тоа е кругот што го затвора една странска компанија. Воедно, тие го шират кругот на домашни снабдувачи, се шири кругот на вработување. Досега во странските компании се вработени повеќе од 16.000 лица, со тоа што 10.600 се надвор од зоните, а 5.400 се, буквално, во самите зони.
Дали има профили на кадри што се бараат, а недостигаат на пазарот на труд?
Поповски: Ние кога правиме мерки разговараме со работодавците. Значи, пред да излеземе со мерка, правиме анализи, интервјуа, состаноци, форуми на кои разговараме што е тоа што недостига, што ним ќе им заврши работа, да добијат квалификуван персонал. Кои се условите што треба да ги создадеме, за да тие најдат работна сила. Македонија има една голема бездна меѓу образованието и потребата на пазарот на труд. Иако три-четири години по ред Владата на РМ, МО, работодавците трубат дека се потребни технички профили на пазарот на труд, сѐ уште бројот на запишани ученици на овие струки е мал. Сѐ додека ваквите компании не почнат да стипендираат ученици и групи со гаранција за вработување, ќе има побарувачка за дефицитарни струки. Дел од компаниите веќе почнаа да го применуваат овој модел на функционирање, мотивирајќи го образованието и тоа е добар феномен каде што, буквално, младите што ќе одат во овие училишта ќе имаат загарантирана иднина. Од друга страна, сѐ повеќе има потреба за технички лица што ќе оперираат со машини. Тоа значи поправка и одржување машини. Сѐ помалку има такви.
Колкава е заинтересираноста на невработените токму за овие преквалификации?
Поповски: Ако ви кажам дека за 260 места има повеќе од 600 апликации за 32 вештини во различни региони, тоа доволно зборува за заинтересираноста за преквалификација. Во последно време има многу апликации во делот на побарувачка на негуватели на стари лица, во делот на гипсени работи и има голема заинтересираност за сметководители. Но сѐ поинтересни стануваат и повалканите професии, како металната индустрија, преработувачката индустрија, но и текстилот. Морам да нагласам дека мотивацијата кај младите почнува да функционира. Погрешниот избор на образование си ги прави своето, па невработените преку преквалификација се обидуваат да дојдат до работно место. Со обуките се станува почетник, што е доволно да се почне од некаде. Ние со мерки не ги заборавивме ни маргинализираните групи. Лицата со оштетен вид или слух, за кои преку посебни програми има соодветен број апликации. Обуките ќе почнат во мај и ќе се најде место за нив, па тие со оштетен слух можат да бидат водоводџии или заварувачи, а тие со оштетен вид да бидат масери. Ќе правиме обука и за изучување на азбуката за слепи, обука за снаоѓање во простор, бидејќи има многумина што не се родени слепи. На крај обуките ги заокружуваме со таа конкретна обука кај работодавец. Тука спаѓа практикантството, како можност за прво работно искуство и за тие што веќе работеле нешто друго. Обуките траат три месеци.
За лица со инвалидност има и многу посебни мерки?
Поповски: За оваа категорија лица од парите од посебен фонд имаме повеќе од 200 милиони денари средства што ќе ги потрошиме, па го објавивме вторпат огласот за грант за самовработување лица со инвалидност во висина од 270.000 денари со што околу 600 евра одат на обука, следење и помагање на ова лице во текот на една година, бидејќи овие лица не само што добиваат пари, добиваат и знаење и начин како се води бизнис, а воедно и техничка помош за водење бизнис. Ваквото лице може да вработи уште еден или двајца, па да добие по 92.000 денари за секое лице. Тоа е негов избор, дали ќе вработи други лица или ќе биде само. Лицето со инвалидност за самото вработување може да добие и преадаптација на работно место во висина од 100.000 денари. По истекот на 9 месеци, исплатена плата и придонеси истото лице може да добие уште 20 просечни плати, но ако лицето е повеќе од 90 отсто слепо или е во инвалидска количка тогаш таа сума се удвојува. Ова е многу поволен пакет за овие лица, кои сакаат да работат. Но ако лицата со инвалидност немаат идеја за бизнис, можат да бидат вработени кај работодавци и повторно добиваат парична помош.
Колку проектот „Македонија вработува“ придонесе за вработување на луѓето?
Поповски: Повеќе од 9.090 компании го искористија правото за „Македонија вработува“ и сѐ уште трае интересот, бидејќи огласот трае до 14 април, со тоа што се вработија 16.640 лица. Опфатени се сите категории граѓани и сите бенефиции што ги даваме. Тоа се бенефициите 1+1, наменети за млади до 29-годишна возраст, потоа субвенцијата во делот 3+1, наменета за лица до 35-годишна возраст, потоа имаме од 35 до 50 години, повозрасни од 50 години, повозрасни од 58 години до постигнување услови за пензија и тука е категорија лица во социјален ризик. Лица што имаат повеќе деца, корисници на социјална парична помош, самохрани родители, деца без родители. Значи 16.640 лица вработени за една година е висок број. Ние внимававме да нема злоупотреби во овој проект.
Заживување на старите занаети, до каде е со тоа?
Поповски: Ние кога ја почнавме оваа мерка минатата година, разговаравме со старите занаетчии, кои велеа дека има заинтересирани лица да дојдат и да го научат занаетот. Така ние решивме да им дадеме можност на луѓето да учат, но и средства за да почнат бизнис. Така ние ги врзавме овие две мерки. Оди учи кај занаетчија и доаѓа кај нас и вели дајте ми пари сакам свој бизнис. Ние му помагаме, му правиме бизнис-план, му даваме 3.000 евра неповратни средства и тој отвора свој бизнис. Станува збор за комплексна мерка. Ние со мерката опфативме шест занаети, кои се поатрактивни. Сето ова го направивме бидејќи увидовме дека има потреба. Има сѐ повеќе туристи што бараат производи од Македонија, а нив можат да ги работат само обучени кадри. На пример, ламаринените се најбарани во моментов, но многу малку луѓе се одлучуваат за овие занаети.
Очекувате ли натамошен пад на невработеноста и што би било пресудно да се случи тоа?
Поповски: Падот на невработеноста ќе беше поголем, доколку не беше политичката криза, која директно и индиректно влијае на работните места. Се предизвика страв кај работодавците, некои подзапираат со инвестициите, некои допрва ќе одлучуваат, па сето тоа директно влијае на падот на невработеноста. Но сега од тоа што го гледам што минува низ системот, гледам дека невработеноста и натаму ќе се намалува. Има многу капацитети кои треба допрва да се отворат и да апсорбираат работна сила. Македонија станува големо градилиште на работни места. Важно е дека има заинтересирани лица за вработување, едуцирање, квалификување.
Разговараше: Александрија Стевковска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Влатко Поповски е објавено во 188. број на неделникот Република, 8.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.