Вечер (четврток) од 20 ч. во клуб ГЕМ (Стара чаршија) ќе се промовира романот „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ од Игор Станојоски во издание на „Или-или“. За романот ќе зборува Оливера Ќорвезироска.
Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген, но поголемиот дел од животот го минува во татковината. Дипломирал во Скопје на катедрата за македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Работел на универзитетите во Лавов (Украина), Катовице (Полска) и Брно (Чешка). Докторирал во Полска во 2009 година. Автор е на пет книги од областа на лингвистиката и на романот „Гаргара“, финалист на Роман на годината 2014 на „Утрински весник“.
– Во „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ ништо не е така како што навидум изгледа (дури ни здравите јаболка на масата во болно време!); но, затоа пак, сè е беспрекорно како што беше и во „Гаргара“; сè е како што треба да биде во секоја одлична книга, која решително ги совладува локалните сопки на патот кон универзалната, севремена и сепросторна литература – вели Ќорвезироска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.