Европските пратеници дадоа зелено светло на итно финансирање поврзано со бегалците во Европската унија, соопштуваат од прес-центарот на Европскиот парламент.
Со 584 гласа “за”, 64 “против” и 33 “воздржани”, Европскиот парламент даде зелено светло за првата транша од 100 милиони евра, дел од новиот итен фонд во ЕУ.
Фондот беше предложен од ЕК во почетокот на март и преку него во следните три години ќе бидат распределени вкупно 700 милиони евра. Средствата треба да бидат потрошени за храна, итно здравство, сместување, хигиенски материјали и за едукација на мигрантите.
Итната помош ќе се обезбедува во тесна координација со земјите членки и организации, како агенциите на ОН, невладини организации и меѓународни организации.
Со дополнително решение ЕП одобри и дополнителни 2 милиони евра, кои треба да се користат за именување на дополнителни вработени за агенцијата за борба против тероризмот на Европол, која беше создадена од почетокот на оваа година.
Пратениците го поздравија формирањето на новиот фонд, преку кој ќе бидат покриени итни трошоци кои произлегуваат од катастрофи и кризи.
Очекувањата се дека најголемиот дел од средствата за новиот механизам ќе бидат насочени кон земјите кои се на „фронтот“ линија на бегалците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.