Денес, во Универзалната сала, во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, Македонската филхармонија и манастирот „Св. Јован Бигорски“ ќе одржат хуманитарен духовен концерт насловен како „Страдања Господови“.
– Таму си најдов многу голем мир, духовен, приватен, таму ми е убаво да се одморам од сите овие искушенија кои во светот ме оптоваруваат. Благодарение на мојот отец, отецот Партениј, кој што е мој духовен татко, кој што многу ми помага и ме упатува во верата, ќе одам и понатаму и ќе се трудам да бидам подобар христијанин и понатаму – вели Димитар Андоновски, кој на концертот ќе настапи по покана од манастирот „Јован Бигорски“.
Димитар вели дека поканата ја гледа како огромна чест и одговорност, бидејќи за него изучувањето на византиската музика и духовноста само му помага во желбата да стане подобар христијанин.
– Концертот се прави со цел да се поттикнат сите христијани, посебно помладите за што почесто да ја посетуваат Црквата, за таму да си ги научат вистинските православни вредности, да живеа според законот на Бога, да постат, да се исповедуваат, да се причестат, зошто само така ќе си го најдат своето спасение. Бидејќи нели, сите живееме во едно брзо време, со многу искушенија, многу човечки страсти, љубов кон парите, се некако помалце кон Бога, така што ова нека биде еден апел до сите христијани, да си спомнат за Господа и преданието што тој го дал за сите нас христијани – додава тој.
Покрај Димитар, на концертот ќе настапат и монахињата Касијана од манастирот во Рајчица, хорот на Бигорскиот манастир, специјалната гостинка, пејачката Нектарија Каранѕи од Грција (позната по многу свои настапи низ православието, меѓу кои и концерти организирани од Вселенската патријаршија и Грчката архиепископија), придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија. Концертот ќе биде пренесуван во живо на собранискиот канал на МТВ и е од хуманитарен карактер – средствата од билетите ќе бидат за возобновување на манастирските конаци во Бигорски и во Трескавец.
Поради големиот интерес за овој Велигденски концерт, картите се веќе распродадени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.







