Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, по неуспешниот настап на нашите ракометари во квалификациите за Олимписките игри во Рио, најави повлекување од функцијата претседател.
Официјалното соопштение објавено на веб страницата на РФМ гласи:
„По неуспешните квалификациски натпревари за ЛОИ 2016 на машките сениори, јас лично сум многу разочаран од неуспехот и стојам на ставот кој го кажав по завршувањето на Европското првенство во Полска: Моето повлекување ќе биде презентирано до надлежните тела во Федерацијата, Управниот одбор и Собранието.
Овој пат нема оправдувања, сите во репрезентацијата сме свесни дека испуштивме огромна шанса за историски успех, но, веројатно, толкави ни беа силите и можностите. Жал ми е што исклучително квалитетните имиња кои ги имаме во ракометот не успеаја да дојдат до овој најголем спортски спектакл наречен ЛОИ. Желбата беше огромна, но притисокот уште поголем, што веројатно беше каменот што не сопна… Секоја чест и огромна благодарност до капитенот, кој максимално се вложи како лично така и професионално.
Ова за мене е големо разочарување и подготвен сум да ја понесам одговорноста, но задоволен сум што оваа раководна гарнитура ја постави Федерацијата организациски на здрави нозе и состави систем на вредности кој може многу лесно да подготвува млади таленти за големи успеси. Би сакал, исто така, да им честитам на нашите млади надежи за успехот на квалификациите за ЕП во Данска и се надевам дека олимпискиот сон наскоро повторно ќе го сонува некоја од младите категории“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.