Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска соопшти дека ќе ги распише предвремените парламентарни избори на 15 април.
– Во согласност со одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, јас како претседател на Собранието, водејќи се врз основа на уставните рамки за распишување на избори, одлучив Решението за распишување на предвремени парламентарни избори да го потпишам на 15 април, а изборите да се одржат на 5 јуни 2016 година, со единствена цел да се обезбедат услови за фер и демократски избори – вели Вељаноски во писменото соопштение до медиумите.
Тој апелира до институциите и до политичките субјекти, да го дадат својот придонес за претстојните предвремени парламентарни избори да поминат во фер и демократска атмосфера со што, како што додава „уште еднаш ќе потврдиме дека ги почитуваме и споделуваме европските вредности“.
Собранието на Република Македонија синоќа се распушти во согласност со одлуката што ја изгласаа пратениците на 23 февруари, со цел одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.