| четврток, 6 декември 2018 |

Сакаат во центар на градот: Мигрантите во Данскa одбиле сместување во куќи на село

На мигрантите во еден град во Данска им е понудено сместување во куќи кои градската управа ги откупила и ги опремила на селско подрачје, но тие одбиле да се вселат.

Градоначалникот на градот Колдинг, Јорн Педерсен, изјави дека е во шок од фактот што група сириски бегалци одбиле да се вселат во куќите кои општината ги уредила за нив, само поради тоа што објектите се наоѓаат во селско подрачје од таа општина.

-Секако дека би било убаво секој од нив да добие по еден двособен стан во центарот на градот. Но, ако некој дошол овде како бегалец, најверојатно, најважно му е да има покрив пад глава – изјави градоначалникот Педерсен за данската телевизија „ТВ Југ“.

Тој објасни дека се работи за куќи кои се реновирани и во целост се приспособени за сместување на мали групи мажи кои се самци, но сите десет на кои им било понудено сместувањето го одбиле поради оддалеченоста од центарот.

Властите на Колдинг донесоа одлука бегалците што им се доделени да ги распоредат по целата територија на општината за да се избегне создавање на т.н. „гета“ каде што мигрантите се концентрирани во релативно затворени заедници, што ја отежнува нивната интеграција во данското општество.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top