Собранието на Република Македонија вечер на полноќ треба да се распушти врз основа на изменетата одлука што ја изгласаа пратениците на 23 февруари годинава. Парламентот, како што е предвидено, се очекува да се распушти со цел одржување на предвремените парламентарни избори на 5 јуни.
Претседателот на парламентот Трајко Вељаноски во телевизиско интервју пред два дена изјави дека денеска законодавниот дом ќе работи нормално, дека на 7 април Собранието ќе биде распуштено и, во согласност со неговите надлежности, тој ќе распише избори за 5 јуни.
– Како претседател на Собранието на Република Македонија, условно, можам да тактизирам наместо на седми април до петнаесети април да го потпишам решението за распишување и оддржување на изборите на петти јуни, за да и дадам можност на ДИК за продолжување, условно, на некои работи доколку евентуално не се завршени. Тоа се однесува околу делот на избирачкиот список, бидејќи многу активности во ДИК за време на спроведувањето на изборите зависат од денот на потпишување на решението за распишување на избори од страна на претседателот на Собранието. Поради тоа јас по распуштањето на Собранието ќе разговарам со претседателот на ДИК и ќе му ја дадам таа опција за да може да имаат уште повеќе време за да ги дозавршат работите што би требало – рече Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.