| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието ги избра новите министри и заменици од ДУИ

собрание

Собранието на Република Македонија ги избра новите министри и заменици ­ министри во Владата, предложени од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Против гласаа пратениците од СДСМ.По завршувањето на гласањето, новите членови на Владата дадоа свечени изјави.

Претседателот на Владата за организирање на предвремените избори Емил Димитриев истакна дека согласно член 94 од Уставот на Република Македонија го поднесува Предлогот за избор на министри во ресорите правда, економија, образование и наука, локална самоуправа, животна средина и просторно планирање, како и министри без ресор задолжени за спроведување на Рамковниот договор, за европски прашања и за привлекување на странски инвестиции.

-­ Имајќи предвид дека се работи за Влада за спроведување на изборите која е договорена меѓу политичките партии со Договорот јуни/јули во Скопје која има ограничен мандат и специфики и имајќи го предвид краткиот рок до распуштањето на Собранието заради одржување на изборите на 5 јуни, сметам дека е коректно и целисходно да се прифати Предлогот за избор на нови членови на Владата- рече Димитриев. Очекува предложените кандидати да пристапат кон работата со максимална посветеност, почитување на Уставот и законите и, како што наведе, да покажат однесување кое е совесно, одговорно и во интерес на сите граѓани на Република Македонија.

-­ И покрај ограничениот перформанс на Владата, очекувам овие лица да продолжат со спроведување на Програмата на Владата и проектите на Владата, да имаат успешно и продуктивно работење во ресорот кој го покриваат, како и да остваруваат добра соработка со останатите органи и институции на државата. Владата за спроведување на изборите нема мандат и перформанс да владее на подолг рок, туку единствено да управува со процесите до одржување на изборите на 5 јуни-истакна Димитриев.

Тој, како што кажа, очекува и убеден е дека граѓаните на Република Македонија на фер, слободни и кредибилни избори ќе одлучат за новиот состав на Владата која ќе продолжи со спроведување на реални проекти кои се во интерес на народот и обезбедуваат реални придобивки за секој еден граѓанин.

Нов заменик­претседател на Владата задложен за европски прашања е Арбр Адеми, Фестим Халили ­ заменик претседател на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Валдет Џафери ­ министер за правда, Пиштар Лутфиу ­ министер за образование и наука, Дритон Кучи ­ министер за економија, Башким Амети ­ министер за животна средина и просторно планирање, Ширет Елези ­ министер за локална самоуправа и Арлинд Зеќири за министер за странски инвестиции. Агим Нухиу е заменик министер за внатрешни работи, Фатон Положани за заменик министер за транспорт и врски, Гзим Беадини за заменик министер за финансии и Беким Максути, заменик министер за одбрана.

Досегашните министри на ДУИ поднесоа неотповикливи оставки во петокот, откако ден претходно таква одлука донесе партиското раководство на ДУИ. Оставките им ги констатираше Собранието вчера на почетокот на 98. седница. Првичниот предлог испратен од Димитриев до Собранието беше дополнет со имињата на Арлинд Зеќири, министер за странски инвестиции и Беким Максути, заменик ­ министер за одбрана. Во дебатата Ермира Мехмети од ДУИ изрази, како што кажа, лично задоволство што денеска се промовира новата генерација на политичари и интелектуалци од ДУИ, Албанци од Македонија, проевропски, соврeмени, и што е значајно, како што рече, кои не страдаат од комплексот на инфериорност и од тоа да бидат сервилни кон кој било, како личности, како авторитетите или како институција во Република Македонија. ­

-ДУИ секогаш промовираше дух на гледање напред, а не враќање назад, затоа ние денеска даваме една нова понуда, нов политички договор со нашите гласачи, со граѓаните на Македонија, со целата јавност, која постојано го вперуваше прстот кон нас и кадрите, кои речиси беа залепени за своите фотељи. Меѓутоа денес покажуваме дека имаа храброст, имаме знаење и што е најзначајно имаме кадри- истакна Мехмети.

Според пратеничката на ДУИ, денеска почнува реформата, порачувајќи им на новите владини функционери дека најголемата одговорност тие ќе ја имаат пред гласачите.

-­ Денес преземате голем товар на одговорност да ја водите напред земјата за да ни овозможите фер и демократски изборен процес и, се разбира, да бидете токму вие столбот врз кои повторно ќе се воспостават нарушените демократски вредности- порача Мехмети.

Имер Алиу од ДПА смета дека денеска се констатира неуспехот на тие што претходно беа на овие министерски и заменички места, но и на тие што утре условно им завршува мандатот бидејќи е предвидено распуштање на Парламентот. Оваа Влада, според него, од утре ќе биде техничка. Во изминатите девет години владеењето на ДУИ, според Алиу, го одбележало крадење, корупција, лично збогатување и не исполнување на ниту еден интерес кој оди во прилог на Албанците.

Според ДПА, во овој период имало застој на Охридскиот рамковен договор. Независната пратеничка Солза Грчева смета дека потегот на ДУИ и личната одлука на лидерот на партијата Али Ахмети да ги предложи кандидатите за министри и заменици министри, е скандалозно и го покажува крајно недемократскиот капацитет на партијата.

Пратениците од СДСМ не гласаа за предложените кандидати бидејќи овој потег на ДУИ, според пратеникот Петре Шилегов, е дел од сценарио меѓу коалициските партнери ДУИ и ВМРО­ ДПМНЕ. Ова, како што кажа Шилегов, е значителен придонес на ДУИ за дополнително комплицирање на политичката состојба во земјата.

Александар Николовски од ВМРО ­ДПМНЕ ги повика СДСМ барем јавно да се оградат од објавените приватните прислушувани снимки.

-­ СДСМ година и половина се надева дека ќе дојде на власт без избори- рече Николовски обвинувајќи дека опозициските партии направиле се изборите закажани за 5 јуни да бидат одложени. На еден ден пред завршувањето на работата на овој Парламент, Николовски ги повика сите да учествуваат на изборите. Пратеникот Рафиз Алити од ДУИ рече дека не само Беким Максути, има и други министри што биле во редовите на ОНА. ­ Беа во минатите владини состави.

-И ништо лошо нема доживеано Република Македонија од тие што беа од редовите на ОНА. Ова го велам од причина што раководството на ДУИ или поранешниот штаб на ОНА го направи најголемиот компромис и рече „да“ на соживотот, „да“ на Република Македонија. Не прифативме поделби на Македонија- рече Алити. Според него, вината за прислушувањето треба го бара во македонските редови, бидејќи таму каде што се вршело тоа немало ниту еден Албанец.

Роза Топузова­Каревска од ЛДП рече дека внимателно ги прочитала биографиите на младите луѓе и додаде оти некои од нив се штури, со малку работно иксуство, со многу семинари и конференции. Според неа, позитивен пример е биографијата на Елези. Таа рече дека ќе гласа воздржано за министрите бидејќи смета дека овие луѓе се злоупотребени во овој момент да бидат предложени на овие места.

Пратениците ги изгласаа и новите заменици министри во Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top