| четврток, 6 декември 2018 |

Наскоро нови банкноти од 200 и од 2.000 денари

Со новите банкноти од 200 и од 2.000 денари ќе се плаќа кон крајот на годинава или евентуално на почетокот на 2017 година – соопштуваат од Народната банка, пренесува „Алфа“.

Подготовките за издавање на парите сè уште се во тек, а одлука за официјално пуштање во промет треба да донесе Советот на Народна банка. Сè уште не се знае кога ова прашање ќе биде ставено на дневен ред. Од Народна банка велат дека веќе избрале компанија што е задолжена за печатење на парите.

– Избрана е печатарска компанија со која веќе е потпишан договор. Планирано е да се произведат по 10 милиони парчиња од секој апоен. Согласно досегашната динамика, се очекува новите банкноти да бидат пуштени во оптек кон крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година, по донесувањето на соодветна одлука за пуштање во оптек – велат од НБМ.

Банкнотите ќе бидат соодветно заштитени. Ќе се печатат на специјална хартија во бела боја, со вграден воден печат, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна што рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци, како и зајакнати рабови против физички оштетувања.

Одлуката за печатење на книжни пари во апоени од 200 и од 2.000 денари беше оценета како правилна, направена со цел да се излезе в пресрет на барањата на граѓаните, ако се знае дека тие многу ретко ја користат банкнотата од 5.000 денари.

На крајот на 2014 година беше познат и ликот на банкнотите. 200 ќе ја красат мотиви од релјеф од виничките теракотни икони, како и елементи од челната фасада на „Шарената џамија“ во Тетово. На предната страна, пак, на банкнотата од 2.000 денари, ќе има македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на задната,  декорација од внатрешна страна на позлатен сад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top