| четврток, 6 декември 2018 |

Челси го официјализираше договорот со Конте, Италијанецот започнува по ЕП

antonio konte

Англискиот премиерлигаш Челси од следната сезона и дефинитивно ќе има нов менаџер. Договорот со актуелниот италијански селектор Антонио Конте е официјализиран денеска во Лондон, а ќе започне веднаш по завршувањето на ЕП во Франција.
Конте ќе ја предводи Италија на претстојниот европски шампионат по што ќе замине на „островот“ и ќе се фати за работа со првиот тренерски ангажман надвор од својата татковина.

– Возбуден сум поради можноста да работам во клуб како Челси. Горд сум што сум селектор на репрезентацијата на мојата земја, функција од која би можел да заминам само при атрактивна понуда како онаа од Челси. Со нетрпение очекувам да се сретнам со сите во клубот и секојдневно да се борам за што подобар пласман во Премиер-лигата. Челси и англискиот фудбал севкупно се гледаат каде и да одиш, навивачите се страствени и моја желба е да остварам успеси, како оние што ги бележев во Италија – гласи првата порака на Антонио Конте по потпишувањето на тригодишниот договор со лондонскиот клуб.

Антонио Конте е селектор на Италија од 2014 година, а под негово водство „аѕурите“ ги завршија квалификациите за ЕП 2016 без ниту еден пораз. Претходно, тој беше тренер на Јувентус, тим со кој освои три скудета во низа, а имаше импресивен скор од 83 победи, 24 реми и само седум порази. Воедно, Конте го постави и рекордот за најдолга серија без пораз во Серија А, откако со Јуве повеќе од една година не знаеше за неуспех, триумфирајќи или ремизирајќи на 43 натпревари во периодот од февруари 2013 до март 2014 година.

Италијанецот ќе дебитира на клупата на Челси на пријателски натпревар против Ливерпул, што ќе се игра на 27 јули во САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top