| четврток, 6 декември 2018 |

Нејмар пристигнува во Париз за 193 милиони евра?!

nejmar

Најбогатиот клуб во Франција и светот, ПСЖ, на крајот од оваа сезона го очекува сериозен ремонт особено во напаѓачката линија.
Договорот на Златан Ибрахимовиќ истекува на крајот од сезоната и веќе наголемо се пишува дека тој нема да го продолжи престојот во Париз. Особено е важно што и вториот врвен стрелец во екипата, Едисон Кавани, најави заминување.
Сепак богатите сопственици на ПСЖ и раководството на тимот не седат со скрстени раце. Во игра се неколку различни алтернативи, но главна желба на арапските газди на ПСЖ останува Бразилецот Нејмар.

Францускиот весник „Л’Екип“ на својата насловна страница објави фотографија од Нејмар со Давид Луиз, најавувајќи ја офанзивата што „светците“ по завршувањето на сезонава ќе ја стартуваат за да го доведат голгетерот во своите редови. Според тиражниот весник, понудата од ПСЖ ќе изнесува неверојатни 193 милиони евра, со што Нејмар ќе стане убедливо најскап фудбалер во историјата на овој спорт. Барселона не сака ни да чуе за продажба на голгетерот, но Нејмар во актуелниот договор има клаузула со која е достапен за 193 милиони.

– ПСЖ ќе потроши богатство на нов напаѓач, а Нејмар делува како многу подобра опција од Роналдо, пред се поради фактот дека е седум години помлад од Португалецот и иднината на тимот може да се гради околу него – пишува Л’Екип.

Отвореност за евентуален трансфер искажа и агентот на Нејмар, Вагнер Рибеиро.

– Доколку ПСЖ сака да го доведе во своите редови, можеме да седнеме и да разговараме. Договорот може да се раскине еднострано за 193 милиони евра, но знаејќи го ПСЖ ниту оваа сума не е проблем што не може да биде решен – истакна Рибеиро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top