Безбедносните служби во БиХ регистрирале неколку илјади лица поврзани со радикални исламистички движења, кои се потенцијални извршители на терористички напади, изјави директорот на полициската Управа на Република Српска, Гојко Васиќ.
-Бројот на овие луѓе, кои се припадници на вехабистичкото движење и зад кои најчесто се појавуваат лица кои можат да извршат терористички напад, според податоците на Разузнавачко безбедносната агенција на БиХ (ОСА), изнесува неколку илјади- истакна Васиќ.
Тој нагласи дека повеќето од тие лица, кои претставуваат потенцијална безбедносна закана, престојуваат на територијата на БиХ. Васиќ смета дека борбата против тероризмот во БиХ ја отежнуваат постоечките заонски ограничувања, вклучувајќи ја слабата размена на податоци за потенцијално опасните луѓе. Според него, проблемот е посебно изразен кога станува збор за лица со потекло од БиХ, кои живеат во странство, а можат да бидат поврзани со терористите.
- Тоа посебно се однесува на т.н. втора генерација иселеници од БиХ во државите од западна Европа- додава директорот на полициската Управа на Република Српска.
Васиќ не ја исклучува ниту можноста за постоење локации во земјата, на кои би се спроведувала терористичка обука, нагласувајќи дека во БиХ постојат многу изолирани подрачја каде ниту истрели не би привлекле особено внимание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.