Интересот на младите од Крива Паланка и од Ранковце за искористување на мерките и на поволностите од Оперативниот план со активна политика и мерки на АВРМ за 2016 година за вработување е огромен, а од вкупно шеесет барања поднесени на огласот за самовработување со грант – неповратни средства, селектирани се 27 кандидати.
-Кон средината на месецов се очекува овие лица, заедно со стручните консултанти од Агенцијата да почнат со следење обука за изработка на деловни планови со кои ќе се развијат првичните идеи за сопствен бизнис. На тој начин дополнително ќе им се олесни почнувањето приватен бизнис – изјави Грозде Ѓоргиевски, раководител на Подрачната канцеларија на Агенцијата за вработување, Крива Паланка.
Со оваа мерка на АВРМ им се овозможува на невработените лица да добијат можност да станат млади претприемачи, кои сами ќе ги менаџираат своите финансиски приливи.
– Најмногу почнати бизниси во овие две општини се од услужната дејност и трговија, додека успешно функционираат голем број фризери, козметичари, авто-механичари, авто-перални и игротеки, отворени со неповратни средства- додаде Ѓоргиевски.
Огласот за самовработување се одвива во две фази. Првата почна на 11 јануари и траеше заклучно со 5 февруари, а опфати 60 отсто од вкупниот број од 920 лица на ниво на државата, додека 40 отсто од барателите ќе бидат опфатени во наредната фаза која ќе се реализира кон крајот на мај и почетокот на јуни 2016 година. Лани со оваа мерка 33 лица од Крива Паланка и од Ранковце го решиле проблемот со невработеноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.