Претендентот за номинација на Републиканската партија на изборите за претседател на САД, Доналд Трамп изјави дека жените кои абортираат би требало да бидат казнети, што предизвика остри реакции на неговите потенцијални ривали од Демократската партија, Хилари Клинтон и Берни Сандерс, но и на републиканските противкандидати Тед Круз и Џон Кејсик, како и на јавноста.
– Жените треба да бидат казнети на некој начин, изјави Трамп за ТВ мрежата МСНБЦ за време на дебатата дали абортусот треба да се забрани.
– Мора да има некој вид на казна, додаде тој.
На инстирирање на водителот за тоа каков вид казна би можело тоа да биде, Трамп изјави дека се уште не одлучил за тоа.
Тој додаде дека неговиот став е за животот, односно против абортусот, со три исклучоци, но при тоа не ги наведе тие исклучоци.
Соочен со реакциите на своите опоненти и јавноста Трамп подоцна изјави дека треба да бидат казнети лекарите, кои ги вршат абортусите.
Фаворитот во трката за номинација на кандидат на демократите, Хилари Клинтон изјави дека изјавата на Трамп е „ужасна и илустративна“. Нејзиниот изборен штаб истакна дека на некој кој толку многу ги презира човековите права на жената не му е место во Белата куќа.
Сенаторот од Вермонт Берни Сандерс изјавата на Трамп ја означи како срамна.
Дури и ултраконзервативниот ривал на Трамп, Тед Круз, републикански сенатор на евангелистите од Тексас, го обвини тајкунот дека би кажал што било за да привлече внимание.
Гувернерот од Охајо, Џон Кејсик, трет кандидат во внатрепартиската трка на републиканците изјави дека секако оти жените не треба да бидат казнети.
И организациите, кои се борат против абортусот соопштија дека се против казнување на жените.
Трамп овој контроверзен став го изнесе во интервју со водителот на ТВ мрежата, Крис Метјус, кој американскиот милијардер го праша како мисли да го забрани абортусот, без да воведе некој вид казна.
Трамп се обиде да го заобиколи прашањето, изјавувајќи дека се уште не одлучил каква казна треба да биде тоа, но потврди дека мора да постои некој вид казна.
На прашањето дали мажот, со кој жената ќе остане бремена треба да биде казнет, Трамп одговори: „Не“.
Неговиот изборен штаб подоцна издаде соопштение, во кое не се спомнува изјавата за абортусот, а неговиот став е променет и овој пат фокусот е на лекарите кои го вршат абортусот.
– Доколку абортусот стане нелегален според американските закони, тогаш лекарот или кое било лице вмешано во таа интервенција би било законски одговорно, смета Трамп, како што се наведува во соопштението.
И покрај успехот, што досега го имаше на републиканските внатрепартиски избори, главен проблем за Трамп е да ги придобие женските гласачи. Тоа не е нешто необично, имајќи предвид дека за време на кампањата жените ги нарекуваше „дебели свињи“, „неуредни“, „одвратни животни“, а неодамна го предизвика гневот на медиумите кога објави непривлечна фотографија на сопругата на Круз покрај својата сопруга, која е поранешен фотомодел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.