| четврток, 6 декември 2018 |

Тој не е терорист, тој е идиот

Уште најмалку пет лица се ослободени од авионот на „Иџиптер“, што утринава беше грабнат на линијата Александрија-Каиро и приземјен на аеродромот во Ларнака, на Кипар. Пет лица, кои носеле униформи, се симнале од леталото, јавија кипарските медиуми од аеродромот во Ларнака.

Претходно денеска сите патници на грабнтиот авион беа ослободени додека во него останаа членовите на екипажот и четворица странци, соопшти авиокомпанијата „Иџиптер“, а медиумите наведоа дека патниците се ослободени по преговорите меѓу кипарските власти и грабнувачот.

Во авионот биле 55 патници и седум членови на екипажот, пренесоа медиумите, наведувајќи дека има сомнеж дека во авионот е поставена бомба.

Аеродромот во Александрија, од каде авионот полета, денеска соопшти дека во авионот имало 30 Египтѓани, осум Американци, четворица британски државјани, двајца Белгијци, четворица Холанѓани и еден италијански државјанин.

Египетските државни медиуми тврдат дека авионот е грабнат од египетскиот државјанин Ибрахим Самаха, на возраст од 27 или 28 години, а неговите мотиви засега се нејасни. Тој е вработен како професор по ветеринарна медицина на Универзитетот во Александрија.

Египетскиот амбасадор Мустафа Бакри на „Твитер“ објави дека Самаха бара „политички азил“, пренесува британскиот весник „Индипендент“.

И египетското државно радио потврди дека грабнувачот побарал азил на Кипар, пренесуваат француските медиуми.

Кипарските медиуми тврдат и дека на Кипар живеела поранешната сопруга на киднаперот, но додека „Сајпрус мејл“ јавува дека тој побарал да разговара со неа, американската агенција „Блумберг“ тврди дека побарал да ѝ се предаде негово писмо. Ваквите информации во медиумите сè уште, не се и официјално потврдени.

Во меѓувреме, Кипар го затвори за сообраќај аеродромот во Ларнака, јавија француските меидуми.

Киднаперот, наводно, на себе имал наредено појас со експлозив. „Гардијан“ цитира неименуван функционер од кипарското Министерство за надворешни работи кој изјавил: Тој не е терорист, тој е идиот. Друг функционер од кипарската Влада изјави: Како што се чини, киднаперот е вљубен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top